Играме со слабо поделени карти. Изгубивме и една галија. Нашите чекори се бавни, со крајна внимателност во мракот напипуваме сѐ и сешто барајќи протеини, не промени. Зафаќаме само купишта дневни, безвредни информации, и понекој стап што може беља да ни донесе. Дека сме љубовници, никако бараби. Тој спектакл се пренесува во живо, некој некаде гледа и се смее. Политика. Во ред е тоа. Ние не преговараме со реалноста, ја конструираме како слатка фантазмагорија, наше авторско дело. Џезираме. Ние сме светот, драги, оној во кој големите ги извадија сабјите, додека роботите почнаа да шетаат наоколу. Нашиот јавашлук е последниот поетски израз на еден вистински слободен и ненаштиман колектив, епитом за сѐ што е генерички живо и греши со сласт. Имаме и триумфална порта. Некои, сепак, редовно трчаат во паркот, ги интересираат безглутенски сендвичи богати со влакна и авокадо, кардио вежби и све тоа. Дека денес е потребна здравствена дисциплина да се преживее, разни суплементи и маски, прифаќањето е историска дисциплина на мудрост, знаете. Лекарите се вистински ТВ ѕвезди кога зборуваат дека стресот е друго име за смртта и дека треба да се избегнува макар и по цена на успех во животот, небаре се некаков Буда. Истокот, сепак, подобро ги разбира овие работи, затоа тамошниот успех е причина за општа паника и стрес секаде. Овде се умира преку ред, во прв ред поети и разни занесени, мислечки луѓе, таленти од стариот ков. Култура. Можеби е недостиг на животна дисциплина во прашање… Или се отпишуваат во замена за нешто подобро, квантно поле, којзнае. Големите ги извадија сабјите, а машините почнаа да ги разбираат луѓето. Веќе ги тешат кога ќе загубат некој близок, на пример. Некој умен и разуздан лик кој оставил длабока трага во нивните срца, ги разбирал како сопствениот џеб, најчесто празен. Вешто умеел со зборот и пушел филтер Југославија во големи количини, практикувајќи ги старите, примитивни ритуали на проширена свест. Мудар, но општествено нефункционален. Нејасно е како можат да ја разберат тагата по таквите луѓе, но ги тешат. Машините. Еден ден, тие ќе ги вршат сите неопходни земјоделски работи за нас, носејќи нѝ бесплатен зеленчук и овошје, додека ние го читаме Витгенштајн како стари аристократи. Така можеби ќе исчезне и погрдниот назив за некој дека е – сељак. Којзнае. Воздухот е загаден, колите се движат пополека. Така наштелувани со истата брзина како Вардар во лето, неодоливо потсетуваат на уморниот коњ на Бела Тар. Тоа е. Големите ги извадија сабјите повторно. Преговараат. Матриксот ги врти бројките во опасен рандом, тотално надвор од еквилибриумот. Некој се заебава со нас и тоа се нарекува најновото нормално. Сепак, ова не го менува фактот дека изградивме триумфална порта. Ние.