,,Poljubiš li me zadnjim naporom svoje volje, upisujem to kao svoju pobjedu.” – Azra

ДХ МАГАЗИН е личен (суб)културен магазин – записник за брзи импресии од некоја музика, филм, книга, театар или слика. Можеби понекогаш сериозно се занимава со сцена, а можеби е само сентиментална машина за сеќавања која глуми радио-најави без етер… Или само сака да анимира и забавува користејќи разни медиумски техники. Сеедно, тука е да му додаде уште една димензија на овој веб колаж од лично разноразние. Популарна култура, драги, овде…do we not like that?:)

Шарла Рекордс е независна музичка издавачка куќа формирана во Скопје во октомври 2013 година. Идејата беше да се изгради една издавачка платформа, контекст, приказна која чекорејќи по својот замислен пат, ќе собира автентична музика на домашни артисти и бендови, промовирајќи ги овде, но и пошироко во регионот. Ова поднебје ретко раѓа врвни фудбалери или нуклеарни научници, но музички дарувани луѓе има во изобилие. Отсекогаш имало. Искрениот пристап, љубовта кон музиката и взаемната доверба изградија цврста внатрешна структура на ниво на една слободна музичка заедница. Креација-комуникација-заедништво. Надвор од пазарната логика, бројот на лајкови и прегледи, водени исклучиво од личните потреби за автентично музичко изразување, Шарла опстанува и одржува сосем пристоен континуитет на работа веќе 13 години. Трпеливо, и со многу љубов и внимание составуван, овој музички мозаик дојде до 121 издание, прераснувајќи во широко препознаен и респектиран регионален музички издавач.
Овде ќе бидат претставени некои објави, како и лични искуства произлезени од оваа убава музичка приказна… Sharla Records

Александар Пејовски – Метаградот на Серава LP [Sharla LP/DR121]
Александар Пејовски e добро познато музичко име, карактерен лик и човек со дух на уметник од старата школа, модели што веќе не се произведуваат. Неговото дело покрај завидниот опус, е и изјава на вистинска независност и бескомпромисност јасно поставени контра академскиот авторитет и елитизам во третманот на класичната музика и културата воопшто. Исклучителен музички талент, ерудит и некој што сака да игра со отворени карти. Скопје е неговата зона, негов е сталкер и истражувач кој во тоа поле на фантазија и болка наоѓа вредни точки на инспирација и толкување. Нивното поврзување ќе ја состави и мапата на новиот албум – Метаградот на Серава.
Се работи за единаесеттото издание за овој исклучително талентиран и продуктивен композитор на современа (класична) музика. Пејовски е инаку познат по својот современ авторски став отпорен на жанровски и стилски ограничувања и предрасуди. Дека музиката треба да ја живее својата слобода надвор од историските мапи и епохи во кои настанува, а во кои не смее да остане заробена. Притоа, времето и просторот се само алатки за игра, податливи за создавање нови светови, одново мапирани, и вон линеарниот тек на историјата. Така, во овој негов музички мозаик се претопуваат звуци и теми од разни времиња, ослободени од нивното ,,лежиште” и осовременети во еден возбудлив метафизички колаж. Всушност, во фелиниевски манир, тој го поставува Скопје во центарот на еден имагинарен наратив во кој неговите историски топоними и културни архетипи се реинтерпретирани преку игра со меморијата и време-просторот.
Албумот може да се преслуша и слободно симне овде.


[музика]
Познато е дека југословенскиот музички нов бран културно и естетски формираше цела една генерација млади луѓе во раните 80ти години. Беше тоа музика – и со крила и со шпиц, за танцување или за брзо растење, романтична и бунтовна, мит и реалност во исто време и еднаков сооднос. Под нејзиното небо никнаа еден куп сјајни луѓе и љубови, песни, книги, идеи, храброст и младешка одважност… заедништво што неколку децении подоцна останаa репер за ангажирана и слободна популарна музичка култура. За ова се напишани безброј книги, снимени документарни филмови, приказни и преданија, фотографии и сеќавања што и ден денес кружат по медиумите како мементо на една прекрасно измислена, а сепак вистинита, не само музичка приказна. Речиси е митологизирано тоа време, иако се работи за Југославија после смртта на Тито, време на политичка и економска неизвесност и рестрикции, ограничена слобода на изразување од разните служби, во ек на студената војна и можниот нуклеарен конфликт меѓу западот и истокот. Сепак, убавината се раѓа на најнеочекуваните места и често обратно од ,,околностите на среќа”, нели? А, музичка убавина на тони, и во бранови. Тоа е бранот на силното влијание на британскиот панк и пост-панк на овие простори што ќе поттикне музичка револуција на ниво на светски признат уметнички израз и квалитет. Шарло Акробата, Идоли, Азра, Електрични оргазам, Хаустор, Лачни Франц, ЕКВ, Прљаво Казалиште, Дисциплина кичме, како и нашите Бастион, Бадмингтонс, Сарацени, Падот на Византија… редот нема крај. Сите овие имиња станаа симбол не само на една носталгија по ,,подоброто минато”, туку и мера за музичка слобода и креативност.
Ок. До тука постои генерациски консензус. Но, кога се зборува за најдобриот албум на тоа време, се појавуваат извесни пукнатини и гласни дисонанци. И покрај личните афинитети кон раната фаза на Шарло Акробата и Идоли, мојот глас за најдобриот албум на југословенскиот нов бран е за истоименото деби издание на Катарина II од 1984 година.

Прво, сакам албуми направени од различен материјал, вештината да притоа составиш целина е особено ретка, и прашање е на авторска храброст. Ако албумот го симулира животот, тогаш тој треба да е контрадикторен и слоевит и кон внатре и кон надвор. Звукот овде е енергичен, доста остар и сиров, но во исто време исклучително пријатен и топол. Албумот има непредвидлив тек, во постојани стилски претопи, песните се со стабилна структура, но со изразит внатрешен немир преку кој често бегаат во импровизации. Иако во основа се работи за пост-панк плоча, јасни се реге/даб и прог-рок/џез влијанијата, како и луцидните електронски излети кои сосем суптилно се вклопени во целината како атмосфера, но и преку беспрекорните сајзерски делници на Маги. Ставот е храбар и модерен, дури и за денешни услови. Текстовите отсекогаш биле силно форте на овој бенд, како овде, така и во понатамошните негови верзии.
Дали оваа плоча е музичкиот тестамент на цела една генерација? Веројатно, не. Емоционално и поетски М.М ќе ја достигне својата катарза нешто подоцна кога ќе стекне статус на полубожество меѓу југословенската младина. Но, овој албум ќе остане да живее како вечен музички симбол на една брзо согорена младост во храбар и интелигентен налет да ја промени реалноста. Да се изрази во комплексна политичка стварност како можеби последен вистински вреден уметнички чин пред крвавиот распад на Југославија. Нивниот крај е епитом за една неверојатно романтична приказна што ќе заврши како трагедија донесена од античките дамари. Баш така и ќе остане да живее, со љубов и низ водите на времето, долго и болно.
Слушни го целиот албум овде.

[радио]
Во првата половина на 90ти се појави еден мал, чудесен инди лејбл од нигде никаде, се викаше Too Pure Records. Го откри Мирко, па му среди на еден заеднички другар, мој комшија, да биде дилер на нивните изданија овде. Мераци. Сѐ беше магично околу ова. Музиката, бендовите, визуелниот момент, сѐ беше така диво и зачудно, како измислена планета, како популарната музичка култура да влегла во некој портал. Деведесеттите во првата половина беа феноменални, од секоја дупка, секој ден излегуваше нешто ново, неочекувано и многу возбудливо. Музичка револуција, не е претерано да се каже. Во целото тоа глобално лудило, Too Pure беше една добро чувана тајна што во скопските музички кругови најде свои следбеници, пред сѐ поради Стотројка. За тоа можеби највеќе придонесе нивната промо компилација Pop (Do we not like that?), паметно составено издание што често одеше како подарок за некој купен албум од овој лејбл. И денес со радост ја пуштам, и тоа не поради некаква носталгија, уште функционира како свежа музика, и тоа како.
Од Too Pure – бендовите што подоцна ќе направат големи ствари се Stereolab и PJ Harvey, потоа Seefeel, Laika, Mouse on Mars, како и Pram и Moonshake. Подоцна, во 2000ти, станаа просечен инди лејбл, промовирајќи бендови како Hefner, Electrelane и McClusky, за некаде во 2008 година да згаснат.
Овде ќе чуеме една ствар од бенд што не беше во првите борбени редови, можеби дека траеја кратко (1990-94), но време за кое снимија два албума(Lido и Imaginary Friend). Indie noise wall of sound звукот беше тазе голема ствар, а My Bloody Valentine беа музичките богови што шетаа на земјата како најголеми иноватори уште од времето на Pink Floyd. Но, линијата на Th’ Faith Healers повеќе влечеше накај Can и краутрок звукот што многу подоцна ќе доживее вистински ,,ривајвл”. После долго време оваа ствар повторно ја чув неодамна на едно америчко инди радио и имав – blast from the past. И денес стои цврсто на свои нозе, можеби и повеќе од годината 1992 кога излезе на албумот Lido. Она, кога водата ќе дојде накај брегот, а тој во една забит, терен, со години див и тешко притапен. Музиката е чудо, зар не?
Проверете овде колку.

[музика]
Пост-панкот дефинитивно не е повеќе само сезонски ,,ривајвл” звук, моден музички тренд или хир на безидејната музичка индустријата. Прво, тој ,,ривајвл” трае веќе предолго, и второ, добива свои современи варијации преку кои се трансформира и развива како нова музика. Поточно е дека низ годините прерасна во современ стилски образец за негови нови креативни интерпретации што адекватно го комуницираат времето. А и неспорно, ја интригира младата публика. Дури може да се каже дека е еден од ретките стилски репрезенти на рокенролот од 20 век што денес ја афирмираат таа музичка (суб)култура.
Ехото на неговиот обемен опус е сѐ уште силно – се работи за музички стил со многу варијации, карактеристичен мистик, концептуалност, лудило, но и социјален ,,стејтмент” наследен од панкот. Гитари што режат или свират отсечно, разиграни бас линии што неретко ја водат песната, моќен ритам, откачени синтови, неочекувани пресврти, искршена музичка структура на граница на импровизација, цврст, набиен звук, тоа се само неколку карактеристики или појавни форми на пост-панк музиката. Неговите протагонисти неретко ,,уметничарат”, знаат и да се фолираат, но и да испорачуваат сирова, неконтролирана енергија и текстови со јасен социјален ангажман, иако во класното британско друштво пост-панкот генерално е познат како музика на децата на средната класа. Нахранети, добро облечени, воспитани и образувани лепотани што го возбудуваат светот со своите уметнички претензии да го стилизираат панк звукот кој е премногу сиров и едноставен за нив. Конечно, панкот е изнедрен како музички гласник на работничката класа и нејзината безнадежност во големите градови на тачеровата Британија.
Еве неколку албумски препораки:
Wire – Chairs Missing
Gang of Four – Entertainment!
Magazine – Real Life
Joy Division – Unknown Pleasures
The Sound – Jeopardy
New Order – Power, Corruption and Lies
The Fall – (сите)
Public Image Ltd. – Metal Box
Devo – Q: Are We Not Men? A: We Are Devo!
Television – Marquee Moon
Talking Heads – Remain In Light
Minuteman – Double Nickels on the Dime


Картер, Деко и Бут. Да постоеше свето тројство на панкот, така ќе се викаше. Нема појаки у Скопје. Sex Pistols, па тие – Badmingtons. Или обратно, после неколку пива така би кажал и пред судија. Изглед, став, музичко држење, енергија, дух, идеали… имаа све. Како никој. Ги знам лично, и тоа само ми се потврди. Лично ги познава и пола Скопје, што потврдува колку се – панк. Ако тоа не е доволно, еве уште еден јак доказ – песна за која сум убеден дека е најдоброто парче музика излезено од тука. Дури мислам дека е музички врв на некогашниот југословенски нов бран, (иако можеби технички не припаѓаат таму). И не ми треба пиво за да го кажам ова. Сите обични луѓе, за вас прекрасни луѓе – овде.

[радио]
Има една песна што уште како мал ми го украде срцето, и не само тоа – ми подотвори врата да ѕирнам во волшебниот свет на музиката. Од тогаш не само што влегов низ таа врата, туку таму си најдов пристојно прибежиште од ,,реалниот свет”. И колку повеќе научив да ја ,,разбирам” музиката, толку повеќе знам дека ова парче е допрено од некоја повисока форма на постоење, исто како и бендот. За кого?! Зa никого, дами и господа…
Чуј овде >>

[радио]
Оваа ствар не ми дава мир многу долго време. Ќе влезе во глава и не пушта, тогаш мора да ја пуштам за да излезе. Притоа, уживање. Како да е направена во некое мое време замислено, да не речам, како да сум учествувал во неа. Сум бил среќен, многу среќен, во совршена хармонија со светот, луѓето, времето, добра екипа, совршен mood, вибрации, звуци на место, зборови што сами идат…милина. Ова е еден феноменален бенд, нивниот најголем проблем е што живееле во ерата на Битлси. Или, не?
Чуј овде >>

[радио]
Lydia Lunch е синоним за женска авторска храброст и интегритет. Музичка сила и инвентивност што не престанува да брца во око, да се трие од секоја можна граѓанска пристојност, притоа правејќи да ѝ биде незгодно. Таа е автентично кул и луда, секси и одбивна, панк вештерка што оперира надвор од добро познатите зони на разбирање на светот. Имав прилика да ја гледам во МКЦ, и тоа во друштво со нејзиниот скопски дечко – Влатче Диво. Беше настан во настан.
Една ствар од нејзиниот албум Smoke in The Shadows од 2014 е ментал. На рипит, овде.
БАЛАДА ЗА ИНТРОВЕРТОТ СО ПЕДОМЕТАР
Осамен и уморен
Трагам очајно
По својте 10.000 чекори
Единствен разлог да
Продолжам да живеам
И нема начин да ме промениш
Сѐ што можеш е да ме
Избегнеш
(непознат автор)


[радио]
Да можев да бирам да се родам со нечиј изворен музички талент, допрен од горе, сигурно ќе го изберев Nick Drake. Неговата музичка генијалност е недопирлива, можеби и за најголемите имиња на рокенролот. Спојот на композиторска имагинација и техника на свирење, целиот тој негов flow, да биде ужасно комплицирано, а да звучи едноставно и изворно, со тој дар можеш само да се родиш. Дојде од друга димензија, ни остави три албуми, ремек дела, поучни средства за секој амбициозен композитор или гитарист, и си замина млад. Премлад. Тешката депресија, младоста и уметничкиот гениј во него составија смртоносен коктел, така познат рецепт за брзо заминување од овој заебан свет. Стана негов ангел, исто како Jeff Buckley, да речеме. Изјавата на господинот од погоре кажува многу повеќе од било чиј ламент или зборови на слава за овој млад, волшебен маестрo. Еве малку од неговата магија…овде.

[музика]
Сецко и Оки се можеби најконзистентните музички ортаци во Скопје. Околу 40 години се заедно на сцена, а тоа се многу албуми и концерти. Едниот е оган, другиот вода, кога едниот ,,рока”, другиот ,,везе” со гитарата, панкер и фантазер во најдобрата можна комбинација. Овој музички дуализам од западната страна на Скопје (подоцна и од источната) ни ги донесе некои од најдобрите ствари снимени овде. Стилизиран рок звук, често прогресивен во својот израз, храбар и автентичен, гитари во перфектен баланс на риф и линија, ритам и текстура, страст и фантазија, имаа све. Имав и јас, среќа да ги запознаам, да се дружиме во многу пијани вечери во Ново Лисиче каде ги снимавме гитарите за мојот прв албум (From Subway to My Way). Нивниот удел направи значајна разлика во квалитетот на тој материјал.
Помина многу време кога ги сретнав во една топла летна вечер во Ла Кања наоружани со стари аналогци, замотани во кабли и со прилично побелени глави како импровизираат некоја откачена краут електроника. Ми рекоа дека сега се викаат Карла Левински. Тоа е тоа. Скопје никогаш нема да умре, си реков. Во наредните две години снимија два албума под ова интригантно име, како панк бенд. За Шарла. Овде.
СРЕДНА ЛЕНТА
ТОП ДУЗИНА
25/26 – V
1. Tamikrest – Imanin
2. Mint Field – Sensibilidad Dormida
3. Kilynn Lunsford – My Amphibian Face
4. Generator – Suitor
5. Fine – Remember The Heart
6. Pixel Grip – Insgnificant
7. Magic Fig – Flammarion
8. Token Hearts – Save Yourself
9. Antoine Dougbe – Ze Nou Mi
10. Ora The Molecule – Løveskatt
11. Now – Join Our Treasure Hunt
12. Hermetic Delight – Scared To Dance
Tamikrest – Imanin >> Звуците на братска Африка секогаш ги примаме со дикат, така? Резонираат овде дека сме едно со нив таму, кој знае – знае. Уште ако на поштенската марка пишува Мали, тогаш мора да е музика на отпор против тамошната репресија. Замислете. Аналогна лента и белгиски гостин на позиција синт – и патувањето може да започне. До слободата и назад, на истото место.
Dream pop од Mexico City? Може. Нежни луѓе виреат секаде, ако им дадеш инструменти, ќе вратат со музика – свила за уши. Пијани Stereolab на Охридско езеро, на кајче под месечина, цела да е. Сите спијат, никој не владее, последната марксистка на светот дигна раце од него и се нурна во длобоката вода претворајќи се прастара охридска нимфа.
Три минути магија за Mint Field – Sensibilidad dormida >> Латините знаат нежно.
Ќерка на рудар во рудник за јаглен кој меѓу другото има проблеми со дрога и алкохол. Честите промени на живеалишта ја носат младата Kilynn Lunsford во музичките пргратки на PJ Harvey, Lydia Lunch и Courtney Love. Пристојно прибежиште. Луцидна и лута млада дама во елегантно репетитивен дијалог со своите музи.
Kilynn Lunsford – My Amphibian Face >>
Italo disco, космичка електроника и малку Кајли/ Шмајли клупска бижутерија. Кога сѐ ова ќе помине низ скандинавски продукциски третмат, по дифолт станува нешто вредно за внимание. Диско топка, конфети и заразен норвешки рефрен во ушите на свет што танцува на работ на апокалипсата? Може. Ма, дајте и повеќе… Ora The Molecule -Løveskatt
Кливленд е заебан град. Таму Америка се откажала од себе, а тоа може да значи само едно – добра сцена. Можеби Pere Ubu, Dead Boys и Nine Inch Nails се тешко достижна категорија за тамошните деца денес, но и нивниот музички светоглед не е за потценување. Напротив, подли гитари што завиваат како заскитани волци, искршена бас линија и женски глас што звучи како ангел во некое зезнато хорор шоу. Тоа се доволно јасни патокази што водат до следниот клик… Generator – Suitor.
ПРОМО >>

Guided by Voices е поим за истрајност и континуитет во динамичниот музички свет. Оформени во 1983 година во Дејтон, Охајо, овој бендовски алијас на Роберт Полард тотално му пркоси на времето со својот свеж и зрел музички материјал, одново и одново. Во најавата за најновиот, 49ти албум по ред Crawlspace of The Pantheon LP, излезе одличниот сингл – We Outlast Тhem at Аll.
Чуј овде >>
<< RETROSKOP

Една америчка инди класика од неоправдано потценетиот Reckoning LP на некогаш, секогаш и секаде саканите R.E.M. – Pretty Persuasion
(Reconing LP 1984)
:: ЗОНА МК ::
Александар Пејовски – Метаградот на Серава LP
Ата – Lakrimarium LP
Алембик – Без никого да удриш LP
Милко – Последен ден ЕР
::: АЛБУМОТ :::
Деби албумот на младата битолчанка Атанасија Гулевска, позната по уметничкиот алијас АТА – Lacrimarium е музичко откритие на 2026 година.
Наскоро рецензија…

[шарла]
А-анти-антикапиталист! Колку често можете овој крик да го чуете денес во некоја ствар? Мора да биде кажан искрено, гласно и со музички став што треба да го потврди тоа. Всушност, така може да се провери колку е тој некој – антикапиталист. Проверете овде дали е така.

[слика]
Владимир Муратовски – Диво. Да се каже за него дека е градска легенда, или најглавен панкер у Скопје е досадно клише. Диво е дојден од друг свет, таму кај што има само музика, поезија и слика – и ништо друго. Тој е мерка за тоа колку сме отстапиле од себе обидувајќи се да испофаќаме нешта разни небитни, а демек вредни. Вечното момче со големите цвикери и кеса со плоча во рака е секогаш тука да нѐ потсети за изгубениот личен рај. Дека четирите ѕида и албумот што таму свири го формираат најдобриот од сите светови, непробоен за било какви срања од надвор. Светот на возрасните е измама, Диво знае. Горд сум сопственик на ова негово дело, на сликата е Jarboe, една од многуте негови девојки, пардон – музи.

Dead Kennedys касета од 80ти. <3

[шарла]
Некаде во август 2024 година имавме свиречка промоција на деби албумот на Хана Корнети во Ла Кања. Може и да беше почеток на септември, не се сеќавам точно, беше топло знам, многу топло. Свирката помина одлично, како и секогаш, Хана знае да подели вода од дланките во сушен ден каков животот знае да биде. Дарувана е бескрајно. Често разговараме за музика, се согласуваме дека со AI, музиката неповратно ќе ја изгуби врската со авторот и дека човекот што пее и свири на инструмент ќе биде редок акт на постоењето во креативна физичка форма. Доказ за човечкото што човечува и пркоси на новата технолошка реалност, да речеме. Нешто како минијатурното кабуки театарче во Токио сред величествениот дистописки пејсаж на хиперурбаното. Внатре времето ќе стои и секогаш ќе биде полно за уметност стара десет века, нели? Додека постои живот, водата од изворот ќе биде најслатка, од рака исркана, истата онаа што Хана умее да ја подаде со нејзиното укулеле и самовилскиот ѝ глас. И збор. Оваа фотка ја направи Зденко Петровски, и некако најточно го доловува нашиот однос. Албумот Голи песни издаден за Шарла може да се чуе овде.
ВОЈНА
Тоа е темница која голта се што е живо во тебе и во мене.
Често се прашувам, што може човек против лудост, глупост и суета?
Таа е одраз, таа е ехо на нечии трауми.
Војна е девојка која нема милост ниту за еден свој љубовник
Ние бевме, ние сме само
послушни деца, построени под знамето.
И сѐ што бевме, бевме само во нашите срца, болни од илузии.
Гледам идол на ѕидот, гледам насмеан крвник,
во неговата прегратка ќе заспиеме сите.
Ако можеш да се разбудиш, застани гол пред смртта таму кај што нема Господ Бог, само потреба да веруваш.
(Ристо Вртев, Архангел)

[шарла]
Со Сашо Митревски од Милко се познаваме долго време. Бевме ,,музички соборци” во македонскиот нов бран како некои го нарекуваа тоа ,,групирање” во втората половина од 2000ти. Нејсе, душа човек и фантастичен музичар, тоа одеше едно со друго, така? Или не;) На Џони Мар од Ѓорче ќе се заврти на улица, без лажна скромност, дека му се може. Кога ми се јави дека сака да издава за Шарла, отворив флаша вино по дома, фала богу, си реков. Шарла беше како измислена за луѓе како него, proper indie lad, би рекле енглези. Совршената потврда стигна година и пол покасно, или поточно 4 сингла потоа. Ги заокруживме во ЕР со тежина на албум – Последен ден се вика. Power EP, би рекле горниве, пак. Во топ форма е човекот, има јака екипа со Јоана и Хана од втор план, тера второ откровение на Милко. Оваа фотка е од промо свирката во Ѕе на почеток на март, беше феноменално. Им се случи Скопје, љубовта се излеа по ходниците и низ ескалаторите на ГТЦ. Па, може ли подобро од тоа? Може. Да им го слушнете целото ЕР овде. Сега.

[радио]
Македонската рокенрол сцена изобилува со добри текстови, има песни што се мајсторски опеана поезија на многу високо ниво. Сепак, еден навидум обичен бенд имаат една навидум обична песна со текст што денес резонира со времето како негова соголена суштина. Рокенролот е нихилистичка ствар. Култура од маргините што со стил и сласт ги демаскира сите илузии и идеолошки марифети со кои моќта го контролира и манипулира секое друштво. Леб и игри беше, така?
Соголување на духот, ослободен од секоја норма, надвор од границите на доминантните наративи и припадности, контра предрасудите, контролата и медиумскиот програм. Секој акт на освестување или конфронтација со тоа, е сѐ за што беше рокенрол културата.
Баш затоа, песната Л’жга на Д’ Далтонс ја носи во себе целата идеја на рокенролот како обескостена, редуцирана и крајно луцидна изјава што и ден денес одлично функционира…
,,Све, све е л’жга,
све што други ти кажале
Све, све е л’жга,
И овој свет у кој живееме”
Чуј овде >>

Денешната младина треба сериозно да се замисли каков свет му остава на Keith Richards.

[шарла]
Хаотичен преплет од кабли на подот, ужасно замрсен свет на тие, речиси живи змијулести суштества јасно здружени против луѓето. Малку над нив, во спротивни агли, едни двајца ги местат инструментите подготвувајќи се за снимање. Студио. Нужно зло на секое музичко дело. Всушност, затвор, еден вид. Слободата, сепак, не подразбира слобода. Постојат случаи на долгогодишни затвореници, на кои, кога ќе им заврши робијата биваат збунети од тоа надвор. Потоа, набрзина ќе направат ново кривично дело како би се вратиле назад – во кафезот на својата, добро позната ,,слобода”. Од алегоријата за пештерата на Платон, до современите високотехнолошки друштва е така. Таа може да постои само како фантазмагорија, that object of desire. Само тогаш е реална – кога се посакува.Звукот на штурците најавувааше топол ден на јужната страна на Водно, иако ништо од тоа не стигнуваше до двајцата музичари во изолираната студиска соба. Ентропијата беше ниска. Адреналинот растеше редејќи им досадни капки пот по голите глави, беа суверени во моментот. На ен – два почнаа, бродот тргна, нема назад – еден тејк. Се договорија со морето. Импровизација врз договорена рамка, исто како живот. По патот невреме, бранови од искушенија, борба за секој отсвирен тон, звуци од гребаници, ненадејни удари, понекој човечки крик… ,,Антикапиталист!”, едвај се разбира. Крикот се засилува на третата, појасен е од претходно, репетира, контрабасот исто, затвора ритмички кругови, врз нив саксофонот свири, реди теми спокојно, кларинетот презема, во контрапункт е на лудилото отаде. На хаосот му пркосат со Космос, овој возвраќа. Живот. Времето и просторот стануваат точка. Потта е во кулминација. Следи финиш. Тоновите стануваат подолги, водата им е повторно пријател, помага да го доведат бродот до пристаниште – до тишината. Ќе се вика СЛОБОДА, рекоа. Потоа, со неверојатна смиреност, кроце покроце, еден по еден, ги одмотаа каблите, ги спакуваа инструментите и си заминаа.

БРЗА ЛЕНТА >>
Филмот е мојата втора љубов. Го сакам исто како музиката – само кога е слободен, храбар, непослушен, зачуден… Жанрот и сензибилетот не се важни ако делото носи нешто од ова во својата ДНК. Филмот е моќен медиум, мултимедијална алатка со технолошки капацитет да понуди длабоко транспортирачко искуство, но и да отвори некои важни животни теми и прашања, да заинтригира, или да разоноди…
Немам преферирани филмски правци или авторски движења, сакам и film noir и јапонски нов бран, и стар SF и италијански неореализам и нов германски филм и new Hollywood, и чехословачки црн бран и независен филм од 90ти, догме итн.
Од време навреме овде ќе препорачувам некои филмски остварувања што ми оставиле впечаток вреден за споделување. Без претензии за нешто повеќе…
ODD MAN OUT – Carol Reed (1947)

Ова е од истиот режисер на The Third Man, Carol Reed. Малку помалку познат, но никако послаб филмски брат на легендарното дело снимено две години подоцна.
Дејствието се случува во повоен Белфаст, каде главниот протагонист Johnny McQueen, тазе излезен од затвор, водач на IRA, со другарите соборци влегува во несмасно организиран грабеж како би обезбедиле пари за организацијата. Притоа бива ранет. Криејќи се во тесните и мрачни улички, изнемоштен и слаб, бара помош од каде стигне. Додека за едни е беља, за други е можност за добра заработка(главата му е уценета). Жени му се восхитуваат на храброста, други го презираат, а еден уметник во него гледа единствена можност да наслика портрет на модел во момент на реално животно страдање. Во целиот тој социјален опсег од реакции, Reed ни го доловува (мало)граѓанскиот Белфаст како прилично реално огледало на човечката природа. Феноменална рола на James Mason во ова ненадминливо филмско патување.
UNDINE – Christian Petzold (2020)

Уште со првите тонови на една од најубавите класични композиции – Концерт во Де-мол на J.S.Bach во интерпретација на Víkingur Heiðar Ólafsson, стана јасно дека овде нешто ќе се залепи за срце. За озбилно. Undine е прекрасно раскажана, длабоко емотивна приказна со референца на митот за водената нимфа (undines). Современ Берлин е градот во кој живее и работи преубавата и хиперсензитивна Ундине. Во љубовна врска е со Јоханес, оженет богаташ кој набргу ја напушта и притоа добива закана дека поради тоа ќе мора да го убие (согласно митот за ундине). Во меѓувреме, таа влегува во нова, искрена и страсна љубов со Кристоф, професионален гњурец, поправач на турбини по вештачките езера низ Германија. Во тој љубовен триаголник се случува чудесно емоционален ролеркостер со неочекуван расплет. Ундине заведува и навлекува без задршка, со својата вонвременска убавина (Paula Beer), но и со својот силен љубовен габарит. Поетски-митско, модерно, надреално и исклучително емотивно искуство, особено препорачливо за љубителите на градот Берлин, неговата историја и архитектура.
HIGH AND LOW – Akira Kurosawa (1963)

Еве еден ,,современ” Куросава, фантастичен јапонски noir, драма што го отвора прашањето на човечкиот морал и тешките животни избори пред кои нѐ исправа.
Гондо е моќен капиталист во бизнис што е на крстопат и бара некои тешки одлуки за да преживее. Во екот на таа драма некој го киднапира синот на неговиот шофер, заменувајќи го по грешка со малото момче, син на Гондо. Сеедно, киднаперот бара огромна сума пари за да го ослободи. Тоа го става бизнисменот во многу деликатна ситуација во период кога тие пари му се неопходни за важниот бизнис план.
Неверојатна тензија и притисок што го ставаат главниот протагонист во дилема налик на романите на Достојевски, а кои Куросава маестрално ги преточува во возбудливо филмско дејствие. Кога тоа се прелева по улиците и маалата на Токио, жанрот станува noir во типичен tour de force манир на овој јапонски гениј. Toshiro Mifune и овде ја потврдува својата класа.

А, што да се каже за ова?
Линч знае најдобро.
GASLIGHT – George Cukor (1944)

Се работи за деликатен психолошки трилер, класик од златната ера на Холивуд и можеби најдобриот филм што Alfred Hitchcock никогаш не го снимил. И тоа не само поради маестралната рола на една од неговите музи – Ingrid Bergman, имено, неговите отпечатоци како да се оставени на секоја сцена во ова остварување.
Дејствието се случува во една озлогласена куќа во центарот на Лондон каде Паула Алквист се враќа да живее по неуспешната авантура во Италија да учи за оперска певица. Таму и ја заведува проникливиот Грегори Антон, мистериозен џентлмен кој ја убедува да се вратат во старата куќа на нејзината убиена тетка во Лондон. По нивната венчавка и реновирањето на куќата, животот на наивната Паула од љубовна бајка се трансформира во пеколна машина која од ден ден, дел по дел ја јаде нејзината душа. Грегори станува нејзин суров господар.
Филмот изобилува со сцени со ментално насилство и злоупотреба, по што насловот на ова драмско дело последниве години стана жаргонски назив за психолошка манипулација и емоционална злоупотреба на одредена личност, со нејзините сеќавања, перцепција и здрав разум. Познато?
SENTIMENTAL VALUE – Joachim Trier (2025)

Ова е филм за траумите и исцелувањето, за изгубените врски со себе, за борбата за саканите. Емоционално студен, но истовремено топол, сентиментален и поучен, филм со висока, психолошки употребна вредност.
Sentimental Value може да се гледа и како sequel на претходниот филм на Trier – The Worst Person in The World, каде ликот на прекрасната Renate Reinsve безнадежно талка низ внатрешните лавиринти формирани од нејзината депресија, празната сексуалност и нефунционалните љубовни врски.
Кога овде ќе се појави Stellan Skarsgård во улогата на нејзиниот татко, веднаш почнува да се одмотува приказната, а на увид да доаѓа големата слика за потеклото на нејзините трауми.
Крајно актуелна тема, деликатна и осетлива, исклучително тешка за филмски третман, но Joachim Trier е врвен мајстор на раскажувањето, сјаен декодер на меѓучовечките односи, на псилошкиот детал, и секако, визуелно беспрекорен автор. Трилогија?

Филмската игра се дели на времето пред и после него. Toa e денес лесно достапно на увид.
THE CHASE – Arthur Penn (1966)

Веројатно дека во 1966 година тешко било да се замисли Marlon Brando да игра шериф, иако велат дека најголемиот предизвик за секој актер е да долови добро напишана рола за негативец:) Шала на страна. The Chase не е во ничија листа ни на десет омилени Брандо филмови, но не и во мојата, напротив, високо е. Овде е во полна зрелост, врвна екипа околу него, а темата и денес актуелна.
Кога чуварот на редот ќе се издигне над словото на законот за да одбрани невино осуден пријател, и притоа ќе му се спротивстави на моќниот банкар кој ,,дрма” со малото тексашко гратче, тоа неминовно ќе го однесе во голема невоља. Сам против сите, во херојска борба за правда, принципи и другарска лојалност. Во тоа име, ќе го изеде и издржи веројатно најбруталниот ќотек во историјата на филмот. Како шериф. И тука работите доѓаат на свое место – тоа може да биде само шерифот на Брандо.
Многу журка и алкохол, лудило и каприц, убави жени и добар рокенрол ќе се погрижат за штимунгот на овој сосема неправедно запоставен филм на Arthur Penn.
SECONDS – John Frankenheimer (1966)

Внимавајте што посакувате, оти може да ви се исполни.
Кризата на средни години често знае да го однесе човек во сивите зони на постоењето – испразнет од животните сокови, дисконектиран од блиските, без многу смисол за понатаму. Таму некаде е заглавен Arthur Hamilton, успешен њујоршки банкар. Осамен и очаен во своите мисли, добива телефонски повик со непристојна понуда – со одредена хируршка интервенција и психички третман, да биде пресоздаден како помлад, поубав и со вибрантен животен дух. Звучи како епизода од Twilight Zone? Seconds е тоа, еден вид целовечерна филмска верзија на епизода од овој култен серијал.
John Frankenheimer и овде е на своето ниво и репутација на еден од најхрабрите режисерски умови во, по малку досадниот тогашен Холивуд. Жанровскиот микс од SF, психолошки хорор и noir, и денес звучи привлечно за гледање, особено што луѓето и тоа како сѐ уште страдаат од посакување на многу повеќе од она што го имаат. Тоа се барем две работи што го прават овој филм актуелен и авторски провокативен и денес – не секогаш човек два пати се раѓа во еден живот, макар и на филм. И што со тоа? J.F. овде нуди една интересна визија.
THE TRIP – Roger Corman (1967)

Помалку познато дело на неодамна починатиот, безмалку еден век стар Roger Corman. Peter Fonda, Bruce Dern и Dennis Hopper, плус сценарио на Jack Nicholson се премногу асоцијации на Easy Rider за да не се погледне, и притоа да стане омилен R.C. филм.
LSD револуцијата во Калифорнија е во својот културен пик во средните 60ти години и сo силно ехо се пренесува и на филмското платно токму низ авторското учеството на овие величини.
Да се внесе оваа супстанца во умовите на луѓе од кариера и влијание, е стратешки поставена (контра)културна цел, нужна за револуционерни промени во екот на американското лето на љубовта и војната во Виетнам. Токму тоа, дисторзирана реалност и проширена свесност му се случуваат на главниот протагонист Paul Groves, млад и успешен режисер на ТВ реклами. Но, трипот набргу ќе му добие непредвидлив тек дури и за неговиот водач во тој процес Џон (Bruce Dern). Следи луд и колоритен, психоделичен хаос низ улиците на Лос Анџелес и увид во потсвеста, совеста и емоционалниот склоп на овој директор на рекламни спотови, игран од неповторливиот Peter Fonda. Субверзивно и сугестивно забавен филм. Поучен, реков?

Say, where did I see this guy?
In “Red River”?
Or a “Place In The Sun”?
Maybe “The Misfits”?
Or “From Here To Eternity”?
And everybody say, “Is he all right?”
And everybody say, “What’s he like?”
And everybody say, “He sure looks funny”
That’s Montgomery Clift, honey
New York, New York, 42nd Street
Hustlers rustle and pimps pimp the beat
Monty Clift is recognized at dawn
He ain’t got no shoes and his clothes are torn
And everybody say, “Is he all right?”
And everybody say, “What’s he like?”
And everybody say, “He sure look funny”
That’s that Montgomery Clift, honey
I see a car smashed at night
Cut the applause and dim the light
Monty’s face is broken on a wheel
Is he alive? Can he still feel?
And everybody say, “Is he all right?”
And everybody say, “Shine a light”
And everybody say, “It’s not funny”
That’s Montgomery Clift, honey
Shoot his right profile
And everybody say, “Is he all right?”
And everybody say, “What’s he like?”
And everybody say, “He sure look funny”
That’s Montgomery Clift, honey
Nembutol numbs it all
But I prefer alcohol
And everybody say, “What’s he like?”
And everybody say, “Is he all right?”
And everybody say, “He sure look funny”
That’s Montgomery Clift, honey!
He said go out and get me my old movie stills
Go out and get me another roll of pills
There I go again shaking, but I ain’t got the chills
And everybody say, “What’s he like?”
And everybody say, “Is he all right?”
And everybody say, “He sure looks funny”
I was trapped, Montgomery Clift, honey
(The Clash – The Right Profile, 1979)
ANGEL HEART – Alan Parker (1987)

Ова е едно од оние дела неприфатени во своето време, денес е поинаку. Harry Angel е приватен детектив изнајмен од мистериозниот господин Louis Cypher да пронајде еден џез пејач по име Johnny Favorite. Трагата му е одамна изгубена. Следејќи ги информациите од неговите стари познанства, се одмотува животната приказна на Џони, преполна со шокантни факти. Меѓу другото, дека во младоста му ја продал душата на нечестивиот во замена за слава – во окултистички ритуал му го изел живото срце на едно момче како би му ја украл душата. Кога трагата ќе го однесе детективот во Њу Орлеанс, филмот влегува во уште помистериозна зона, екстремна и полна со брутални убиства. Јужначка готика по мерка на сите љубители на True Detective (season 1).
Детективот на Mickey Rourke е прототип на лик од американската литература од 20 век, пресликан од романите на Чендлер, Фанте или Буковски. Згоден, луциден ум, но со трајни оштетувања од трауми и алкохол, чие последно прибежиште се поганите умови на криминалците од подземјата на големите американски градови. Тоа е зоната на Mickey Rourke, онака, шеретски спонтан и кул, несреден и привлечен, во една исклучително комплексна улога што ја изнесува феноменално. Уште повеќе што наспроти себе го има Роберт Де Ниро во топ форма, како и секогаш. Актерски дует-спектакл во еден длабоко вознемирувачки neo-noir/психолошки хорор со неочекуван расплет. Точно прикладни одредници да биде повторно откриен денес.
WANDA – Barbara Loden (1970)

Еден од омилените филмови на David Bowie и на парот Ленонови во раните 70ти години е филм снимен со екипа од 7 члена, речиси без никаков буџет, и со импровизирана скрипта, освен за улогата на главната протагонистка – Wanda Goronski. Ова зачудно дело стои високо во филмосферата на независната американска продукција, гордо одредувајќи ги координатите на една автентична филмска естетика која неколку децении подоцна ќе доживее пробив и во мејнстримот.
Ванда е лик како излезен од некоја драма на апсурдот. Таа е мајка без своите деца, изгубена по друмовите на субурбана Америка, без никаква перспектива, себство и психолошки знаци на живот. Станува лесен сексуален плен на разни пробисвети, сѐ додека случајно не се најде среде несмасна барска кражба каде му се закачува на несреќниот крадец – Mr. Dennis. Од тука натаму, филмот добива неочекуван тек на road movie во чие познато клише од тоа време мора да има и кражба на банка. Опсесивно поврзувајќи се со својот нов партнер – социопат, ќе му ја подари целата своја чедност, понизно следејќи го во неговите злодела, покорена и понижена. Сепак, судбината на крајот ќе им подели различни исходи.
Тенденциозната субмисивност на ликот на Wanda низ годините ќе предизвика големи полемики во феминистичките кругови, но сосем контраинтуитивно, Barbara Foden овде жената ја сместува во алегоријата на митското страдање, потенцирајќи го така апсурдот на човечката бездушност и зло кое се појавува на нејзиниот пат надвор од зоната на безбедното. Тоа може да е патот и на било кој друг, не?

