Играме со слабо поделени карти. Изгубивме и една галија. Нашите чекори се бавни, со крајна внимателност во мракот напипуваме сѐ и сешто барајќи протеини, не промени. Зафаќаме само купишта дневни, безвредни информации, и понекој стап што може беља да ни донесе. Дека сме љубовници, никако бараби.


Играме со слабо поделени карти. Изгубивме и една галија. Нашите чекори се бавни, со крајна внимателност во мракот напипуваме сѐ и сешто барајќи протеини, не промени. Зафаќаме само купишта дневни, безвредни информации, и понекој стап што може беља да ни донесе. Дека сме љубовници, никако бараби. Тој спектакл се пренесува во живо, некој некаде гледа и се смее. Политика…

Сите сме удобно сместени во своите трла – добро изолирани општествени фрагменти во кои се дистрибуира соодветната вистина и занесот што доаѓа со неа. Жртви на цврстото убедување како просветлени малцинства на реалноста, а всушност секој во ладот на сопствената сенка. Безброј идентитетски заедници чмаат во своите тунел-визии, групирани длабоко во ситните пиксели на големата слика.

Се наоѓаме во исклучително возбудлив цивилизациски момент, можеби се работи за извесен историски процеп низ кој истекува материјалот на човечките достигнувања во науката и технологијата, разбирањето на природата и реалноста, социјалните односи, политичките и општествените системи изградени врз принципите на разум и логика, хуманизам, напредок и благосостојба какви ги познаваме. Она што доаѓа, доаѓа како радикален исчекор од претходното, во околности на забрзување и расцепкување на историјата во вид на потоци од кванти на дисконтинуитетот. Притоа, старите перспективи брзо се заменуваат со нови, формирајќи поле на силна динамичност и неодреденост во брзи циклуси на осознавање на природата и постоењето.

Борбата за себе секогаш се сведува на борба против себе. Сцената кога феноменалниот Клерк Гејбл се бори со див коњ со намера да го скроти за да го продаде на локалната месна индустрија е веројатно една од најмоќните што Холивуд ги испорачал било кога. The Misfits (1961) на Џон Хјустон е филмот. И сѐ би било ок, борба за опстанок, ланец на исхрана, бизнис, итн…

„Сонував дека сум пеперутка. Кога се разбудив, не знам дали сум човек кој сонува дека е пеперутка или пеперутка која сонува дека е човек.“ – парадоксот на мастер Чуанг

Мелено месо на акција. Гужви, тепачки на каса.
Со заби искршени риеме во масниот куп, не знаејќи
оти бисери е полн. Пред свињите фрлани биле.
Аргументи и фини манири.
Апели демек на здравиот разум.
Здив вдахновен чеден.
И градби секакви.

Хаотичен преплет од кабли на подот, ужасно замрсен свет на тие, речиси живи змијулести суштества јасно здружени против луѓето. Малку над нив, во спротивни агли, едни двајца ги местат инструментите подготвувајќи се за снимање. Студио. Нужно зло на секое музичко дело. Всушност, затвор, еден вид. Слободата, сепак, не подразбира секогаш слобода.

Чаир и Ѓорче се краците на скопскиот октопод, тие што претаат и фрлаат камења за да го заштитат трупот. Неретко и кон самиот труп. Дека така културната периферија го артикулира својот однос кон центарот – идиосинкретично. Архетипите изградени околу овие населби се урбано егзотични, понекогаш ризични по здравиот разум, но сепак, шармантни акробации околу реалното. На маргините, надвор од граѓанскиот промет управуван од центарот, тие луѓе секогаш имаат нешто да докажат. И да се допаднат.

Уна е девојка од Скопје. Родена и порасната во населба Аеродром, во семејство на бегалци од Егејска Македонија. Религиозни луѓе. Чесни патриоти со силно конзервативни сфаќања за животот и општеството. Уна е лезбејка.

Крикот е основната супстанца на секој израз, внатрешен или надворешен. Ако го нема, тој човек треба да работи во администрација. Тоа е изворниот принцип на поврзување на себе и надворешноста во единство, првиот и единствен акт кој го означува раѓањето. Епитом на самото постоење – вредно за постоење. Молкот е софистицирана состојба на исклученост, продуховена во дијалогот со празнината.

На тротоарот близу Универзална сала се случуваше голема драма: една мачка тормозеше еден скакулец. Скакулецот преплашен се обидуваше да ѝ избега, но таа со голема леснотија го ловеше во скок и го приземјуваше без притоа да го повреди. И така цело време. Тоа што за него беше кошмар, за неа изгледаше како разонода во летната скопска вечер. Скопје е инцидент во просторот. Една голема системска грешка која не може да биде исправена, туку само…

…Нешто како мал, вреден предмет заглавен во центрифуга од машина за перење алишта, во џеб од фармерки. Заборавен. Зборот џеб понекогаш се комбинира со зборот отпор за да се опише нечија посветеност кон идеал од кој веќе сите се откажале. Отпорот е бесполезен, ќе речат. Барем денес, кога утрата не се веќе студени. Зората ги раѓа такви за да поетите повеќе не ги поврзуваат со слободата и работничката класа. Веќе никој не ги памети. Сеќавањата се форма на психолошки отпор.

Празни соби насекаде, извесни споменици на просторот за оние што заминаа. Ги оставија како сираци во тишината, кротка празнина што некогаш беше воздишки и музика. Денес е повторно топол ден, едно ветре шета мирис на маалско цвеќе во истиот мај кога се љубеа, прозорот сега не дава да влезе.

Каде и да одеше светот му стануваше сѐ повеќе познат и поблизок до она дома. И покрај тоа, рече: ,,Тие што останаа се поети. Мора да се.”

Кога скитам често носам едни црни патики што личат на чевли. Ги купив на попуст. Откако научив да ги одам, станаа доволно удобни за да ги издржат и најнерамните патеки по кои се движев. По одредено време почна да ме боли петицата, помислив дека е од умор и дека ќе помине. Не поминуваше. Требаше да проверам дали патиката е во ред.

Веќе некое време во Злокуќани не се разденува. Всушност, не е ни комплетен мрак, некоја недовршена зора, бледо лила. Истата состојба е од моментот кога Станимир, успешен претприемач и виден граѓанин, ги застрела младите љубовници од Бардовци. Без предупредување, двапати – во глава. Бенг-бенг. Беа голи и гушнати во неговиот двор, свежо слободни. Оттогаш е така – ни ден, ни ноќ.

Едно дете во бескраен занес ги врти педалите на својот велосипед без притоа да знае дека го одржува еквилибриумот на ред и неред во светот – го обезбедува со неопходната енергија за живот.

Премногу смрт, драги. Нашите срца се изморени. Сонцето пече од сè повисоко, а ноќта е потемна од било кога. Ќе остане ли некој да ги помириса розите? Ќе стане ли некој да ја подигне иглата на грамофонот, да смени страна?
Штетник
Поетот е штетник жив
Кука жали преде
Не сака да дофати
Работи едни
За секој друг што се вредни
Бара свемир во сѐ
За немир да најде секаде
Анксија го ништи
Немоќен и сирот
Саде занеси сади
Ништо не го вади
Да се протера, барам!
Заразно е.
Да се казни, барем!
Во затвор да е.
Страдање да види
Вистински што е
Та милост да бара
За патот прав да го фати
И во редот да се вгради
За една живеачка чедно
Во труд и молк
Да чека умирачка вредно
Каскадер
Мојот ум мирува
Откако ја виде
Инаку е каскадер
Мојот ум
Друга планета
Секакви луѓе од секаде
Ќе пробуваат да слетаат
Со сите свои
Непораснати делови
На друга планета
Ќе стигнат само
До својата песна
Може и така
Драги
Жена што сече месо
Имам срце на жена што сече месо
Едноставни движења
Православен календар виси на ѕидот
како потсетник на важен мртовец
Ме потсетува да молчам спокојно и
да подредувам делови скап леш
Некои усти ќе бидат сити поради тоа
Притоа ќе зборуваат за светот како за стариот двор од детството, пополнети, добро облечени, на маса со свежо набрано цвеќе и слатко вино
Ќе се сликаат на почетокот
Дека крајот нема да биде убав
Но, некои денови се такви
Ги води проста македонска песна
што не ја префрла смртта баш секогаш
Всушност, таму запира
Ќе сакаат да е само лош сон
Но, јас сум жена што сече месо
И единствена што носи одлуки за тоа
Анимиран филм
Живеам во анимиран филм
Горе Водно долу дим
Околу изгорено
Така е нацртано
