Премногу смрт, драги. Нашите срца се изморени. Сонцето пече од сè повисоко, а ноќта е потемна од било кога. Ќе остане ли некој да ги помириса розите? Ќе стане ли некој да ја подигне иглата на грамофонот, да смени страна? Кој ќе ги нервира соседите со ритам, ќе се смее гласно и ќе кажува глупави шеги и несмасни досетки во друштво? Кој ќе пее во неточен штим? Ќе остане ли некој со големи уши и крив нос, криви нозе и топол поглед што ќе го размени на враќање од пазарче? Добар ден, ќе им рече, куциот што краде праски од тезгите во лето на оние што не го бркаат, ќе останат ли такви? А тие со кротка душа стуткана во големи, прејадени тела, прекрасни слонови во човечка форма што останаа на скали кога лифтот беше расипан? Колку ли е голема, големата празнина што ја оставаат саканите? Заедно со целата таа човечка нецеловитост, непромисленост во зборови, мисли и дела од бол и бес, извесни грешки во нервниот систем. Сите тие купишта расфрлани, неприлагодени атоми во реалноста што никогаш не била нивна, а правеле сè што треба за да стане, некако наша. Смртта е суров разбојник во нашите срца, упаѓа без да праша дали може да ископа дупка, и ја копа, толку длабоко што станува бездна што нè гледа. И само погледот во неа може да нè научи колку вистински сме кревки и ранливи…и конечно, еднакви на овој свет и век.