ДАВИДОВА ХАРФА е веб зона за истражување на реалноста во контекст на новите технологии, наука, философија, уметност, политика, медиуми, популарна култура… И Скопје како добар пример.
Кои се опциите денес кога машините му дишат во врат на човека, заменувајќи го во неговите работни функции одредени со модерното доба? Каде ќе го бараме хуманото постоење, она кое е невозможно да се репродуцира и замени со AI? Ќе останеме ли притоа застарена биолошка верзија на себе сѐ до конечното исчезнување? Можен ли е функционален и одржлив offline movement на презервираното човештво? Дали ќе мора да станеме киборзи за да опстанеме, парираме и управуваме со моќните машински системи? Човек 2.0? Дали е сѐ ова само сон? Симулација?









ОВА Е ЧУДЕСЕН >>
Некој го прашал ChatGPT за десет ствари што денешното човештво треба да ги знае. Одговорите пленат со неконтролирана искреност, нудејќи отворен увид во големата слика. Малку непријатно…
Провери тука.
Роман Јамполски е редовен професор по компјутерски науки на Универзитетот во Луисвил, широко познат по своите истражувања во областа на безбедноста на вештачката интелигенција (AI safety), сајбер-безбедноста и бихејвиоралната биометрија. Се смета за пионер во ова поле, бидејќи го вовел терминот „безбедност на вештачката интелигенција“ и ја посветил својата кариера на таканаречениот „проблем на контрола на вештачката интелигенција“ — AI Control Problem.
<< ЧУДЕСЕН СВЕТ
„Живееме во свет во кој сите се свесни за сè, а сепак никој не прави ништо; во кој сите изгледаат како да се солидарни со сè, а сепак никој не се помрднува од своето место.“
– Жан Бодријар
MEMEDROM ::

EX-FUTURA ::
Невралните интерфејси и преносливите биосензори ќе се спојат со човечкото тело, овозможувајќи беспрекорна комуникација, проширување на меморијата, следење на здравјето и комуникација со сопствените протеини.

Сите сме удобно сместени во своите трла – добро изолирани општествени фрагменти во кои се дистрибуира соодветната вистина и занесот што доаѓа со неа. Жртви на цврстото убедување како просветлени малцинства на реалноста, а всушност секој во ладот на сопствената сенка. Безброј идентитетски заедници чмаат во своите тунел-визии, групирани длабоко во ситните пиксели на големата слика.

Звуците на братска Африка секогаш ги примаме со дикат, така? Резонираат овде дека сме едно со нив таму, кој знае – знае. Уште ако на поштенската марка пишува Мали, тогаш мора да е музика на отпор против тамошната репресија. Замислете. Аналогна лента и белгиски гостин на позиција синт – и патувањето може да започне. До слободата и назад, на истото место.

Колективната градина во Ново Лисиче е фантастичен пример за саморганизирано делување сред ова дезориентирано и отуѓено, квази-капиталистичко друштво. Една поголема парцела покрај Вардар е пренаменета во земјоделска површина каде луѓе од различни возрасти и социјални групи ги обработуваат своите леи, произведувајќи храна.

Федерико Фаџин е редок пример на високоетаблиран научник и иноватор во високите компјутерски технологии кој исчекорил од научното во духовното во потрагата по продлабочено разбирање на реалноста. Притоа, воден од научните достигнувања на квантната теорија, тој гради цел онтолошки систем кој во своето јадро ги има свесноста и слободната волја како метафизичко градиво на една фундаментална реалност надвор од материјалното.
скарани
Живеам во бела соба, внатре мрак. Висам на чивилук со дузина други. Нѐ има секакви, некои со години се тука. Повеќето се излезени од разни конфекции, сепак, неколкумина се дело на стариот мајстор. Арогантни копилиња, тие, се држат на страна. Водат бурен ноќен живот често враќајќи се во ситните часови. Мирисаат на скапи парфеми помешани со дим од цигари и со долги женски влакна на себе. Потоа спијат со денови. А јас, јас сум обичен човек што го чека својот ред како заборавена летна кошула во плакарот на еден воен офицер.
Несебично ти ги покажав сите грди лица и слабости што лежат во мојот расипан корен. Моите најдлабоки тајни. Ме виде слаб и исплашен, и неодлучен и кревок, и дволичен и себичен, осамен, уморен… Помеѓу сите ридови на моето битие во кое се вљуби, тоа беа доловите што го заокружуваат пејсажот. Во него влезе како девојче во омилената сликовница, а излезе како скршена жена.
Еднаш еден прекрасен павијан сакаше да си пресади коса во една престижна клиника во Турција. И бидејќи немаше пари, од државниот Фонд за здравствено осигурување побара сума доволна за да си ја поврати загубената машкост. Откако беше одбиен со образложение дека Фондот дава приоритет на луѓе со болно срце и црн дроб, павијанот го обзеде толкав гнев што реши да напише песна со која на државата ќе ѝ каже сѐ во лице. Тоа го направи многу популарен во одредени кругови важни за него. Панк-рок.
Уличните кучиња во Скопје постојано лаат по коли, ги бркаат низ улиците полни со бес дека еднаш веќе биле удрени. Оттогаш тие им се најголемиот душман, сите коли. Нивниот лаеж е всушност нашиот замислен крик на револт кон сите неправди и злоупотреби што силите на моќ ни ги приредиле овде и секаде. Кучињата имаат храброст и достоинство.
Некој нѐ казнува со чекање. Цело време и за сѐ и сешто. Како да не постои моментот во кој животот се случува. И колку и да сакаш да се разбудиш од тоа чекање, сфаќаш дека си длабоко заглавен во сон-парализа веќе предолго. Немаш тело… „Ќе дојде, знам“ – тоа е музиката.
Верувам во верата на секоја чиста душа во овој заебан свет. Нивната љубов и добрина, искреност и ведрина, солидарност по цена и на саможртва – со нив ја градат мојата единствена вера, верата во човекот. Имено, само тогаш секој нивен бог станува вистински присутен и вреден за почит.
Има делови од градот, таму кај што што светот не непораснал. Скришум непораснати места. Оставени, останати во времето како романтично мементо на едно лесно постоење. Тоа непораснување е отпор, најчовечкото што во тоа име просторот може да ни го понуди чувајќи нѐ од нас самите. Во нас е.
Влечкаме симптоми во тешките тела наситени со шкарт масти и лесна историја. Падот ќе ни олесни, си велиме. И ете нè – паднати. Остануваме такви со извесна страст, насмеани и со доза на кротка вина како бебе во измокрени пелени. Ни здосадува така. Но, конците сега никој не ги исправа, претставата никако да продолжи, како да станеме? Одговорниот запалил цигара, па кафе, ракија – се замуабетил. Заборавил. Тој е еден од нашите, се гледа тоа.
загради
Привременување. Перманентна несреденост или недовршеност присутна во животот и просторот што не се прифаќа како таква. Ние привременуваме. Привременуваме во пријателства, љубовни врски, радост и тага, во некоја зграда, нечија прегратка или заштита, во убедување, припадност, болест или став. Привременуваме во своето – јас. Привременуваат империи, држави, идеологии, политички партии, кафани, маала… Тежнеејќи кон илузијата на конечни решенија – ,,скрасување” или решавање на разни прашања и проблеми, ние постојано нешто уредуваме до својата конечност, а всушност создаваме нова привременост. Токму во тие појаси нашите животи најточно се одмотуваат, создавајќи ја целината на постоењето како привременост на овој свет и во овој облик на патот до смртта, повторно, доживеана како конечност. Сепак, најдобар пример за ова се скелињата поставени на фасадите на високите згради во поголемите градови(scaffolding). Толку се сеприсутни, што станале перманентен дел од урбаниот призор – никогаш не исчезнуваат, само ги менуваат позициите, обратно од нивната привремена функција на учество во градба или реконструкција на објект. Имено, тие така ,,привремени”, стануваат трајно, динамично обележје на градот, вградувајќи се во неговата визуелна целовитост која заедно со нив – привременува.
Постојат многу начини да се зготви вкусно јадење со пилешко месо. Во некое се додава зеленчук, лук и кромид, секакви зачини, во друго се ставаат печурки, сецкана сланина или било какво чадено месо. Французите се познати по тоа што вкусот му го збогатуваат со квалитетно вино или течна павлака. Сепак, постојат современи кулинарски техники со кои при подготовката на јадење со пилешко, на месото му се додава и пилешка коцка за супа или сув пилешки концентрат – пиле во прав. Целта е да се засили вкусот на самото пилешко. Ваквата пракса ни укажува дека индустријата не само што ја имитира природата, туку ни ја нуди како нејзина подобрена верзија – пореално од реалното. Оваа хипер-реалистична парабола е добар пример за парадоксот на времето во кое замената на оригиналот не се случува само со негова обична реплика, туку и со неговата концентрирана верзија што потоа ѝ се вметнува (закачува на репликата во процесот на пре-создавање на оригиналот). Така, ние гледаме пилешко месо во чинијата, но неговиот вкус, изгубен некаде во брзиот индустриски процес на одгледување му е додаден како крајно веродостоен индустриски суплемент. Ова е можеби добра алузија и подготовка за новото, пост-хуманистичко човештво на артифициелни додатоци, импланти за подобрување и забрзување на оперативните функции и перформанси – човек 2.0.
Сите наши дела денес, целата човечка интелигенција, модел, продукција, просечна брзина, поглед на свет, верувања, начин на живот, сè тоа е најнова верзија на она што до вчера било — цивилизациски максимум. Но, она што наскоро доаѓа, за тој квантен скок што иднината ќе го донесе ние, овде и сега сме — примитивна верзија.
- Да се биде жив во апсурдниот универзум.
- Да се биде полн со страст и контрадикција.
- Да се остане во вечниот тек на учењето.
- Да се биде функционален декодер на светот, секогаш обновен, луциден и грижлив.
- Да се подава рака, заедницата е важна.
- Да се водат вистинските борби, и тоа е важно.

Небото е оптичка илузија. Сепак, нагоре загледуваме и во добро и во зло. Кога бараме одговори на некои тешки прашања, или пак, кога сакаме да искомуницираме некоја повисока форма на свесност – таму гледаме. Интересно, таму најчесто и го бараме присуството на некоја драга личност која повеќе не е меѓу нас. Овој простор е наменет за некои од нив, за нивните траги…

Летај летај, однеси
Раствор од солзи
Од болка сокови
Далги сеќавања
За сакани изгубени
И собери храбост
За дни непокорни
И преболи па, дозволи
Да се вратат тие птици
Во твојта шир
Над океан од немир
Дај им, развигори
Крила заумни
Неуморни
Промени
Па, замини
Остави
Нарциса
тoa од книги гo знaeв
и нa други сум гo кaжувaл
нo кoнeчнo дeнeс
(a нe сум тoлку млaд)
сфaтив и нaучив
дeкa сo силa нaвистинa
убaвинa нe бидувa
и нeмa штo глувиoт
дa гo тeрaм дa слушa
ниту нa слeпиoт
дa му пoкaжувaм сликa
сoсилa сaмo будaлa
прaвaм oд сeбe
и oд тeбe
и кaжи ми сeгa
кaкo дa тe сaкaм
кoгa ти
нe мoжeш дa сaкaш
(Тихомир Јанчовски)

Со Мирко Попов бевме маалски другари, Кучкар маало. Тоа беше првото и можеби најсилно поврзување. Второто беше музиката и Стотројка. Беше страсно поврзан со Скопје, особено со Градски ѕид, го разбираше како автентично и автономно културно јадро на модерниот градски идентитет. Беше провокативен и често див, контрадикторен и конфликтен, но тоа беа неговите комуникациски драјвери што му ја држеа свесноста будна. Откриваше брзо и брзо дистрибуираше, растеше и се формираше во јавност без возджување, произведувајќи култура. Знаеше да претерува, но со стил. Неговата страст за слушање и зборување музика беше заразна, како да живееше само за тоа. Фантастичен музички комуникатор и неповторлив декодер на паралелни светови отаде граѓанската интелектуална умереност која инаку не му беше туѓа. Напротив, беше и градски шминкер во спектарот културни преобразби. Сепак, културен инженер како што сакаше да се претставува при крајот, по узор на неговиот долгогодишен идол Genesis P-Orridge – иритантен и инспиративен во исто време. Неговото дело е трајно наследство на Скопје, а притоа само го живееше својот живот по сопствени правила, на улици и во клубови, брзо и будно, искрено, понекогаш агресивно, но секогаш креативно – давајќи и земајќи, и неуморно согорувајќи во време-просторот. И надвор од тоа…

Филип Митров беше мојот комуникациски конектор со изворот(source-от), таму кајшто има само љубов и мир, добрина и заедништво… свесност. Фиљо беше скриена ѕвезда на скопското небо – ако можеш да ја видиш, ќе ја видиш. Ако ја видиш – си остварил конатакт со чиста енергија, човечкото во најдобриот можен смисол и облик. Беше медиум. Духовит, луциден и игрив, отворен ум што ја трансцедираше реалноста исто колку што ја бараше во нејзините најискрени и ,,најреални” појавни форми – на улица, во скопските гета и биртии, меѓу рафтовите во КАМ, на домашните ТВ канали што повеќето центарци ги буткаат што подолу, да не речам под тепихот на граѓанската пристојност. Го сакаше трешот исто колку и најекстремните и тешко пристапни форми на арт авангардата што го формираа како автор. Во таа дуалност осцилираше неговиот дух, полн со љубопитна жед за сѐ што е чудно и обскурно како валиден исказ на човечката природа. Дека таму ја бараше слободата како суштина, не како општествена парола на политичките идеологии на либералниот свет. Дека беше обичен човек, летач со приземјување, мистик близок до болката и страдањето, иако носеше ведрина и насмевка да ја осветли секоја можна ноќ. Беше нејзин господар, наш светилник во бескрајните бдеења кај него дома, трагајќи по сѐ она што не можевме да го најдеме и осмислиме под ова јасно сонце.
Пристап до неговата YouTube страна овде.
Сакам да ме боли како порано
кога ќе ме остават,
не ме боли како порано
се сеќавам се будев уплакан
слабеев по десет кила
месеци ми требаа
да се соземам
сега ‒ тапа празнина
само тапа празнина
сто пати
поодвратна
од здрава црна болка
земам камен
и силно се удирам
по глава
ама тоа не е тоа
моето крваво чело
не може
да го врати
времето назад
(Марко Петрушевски)
Квантитет што убива
по многу напишани песни
за кратко време
секоја наредна
е сѐ потешка
и педерски претенциозна
нешто ме влече кон машината
но тоа сигурно не е двоумење
и останувам на масата
со чашата в раце
додека телефонот е нем
како и музиката
а деновите на календарот
се бројки што покажуваат
колку сум поблиску
до грдото чудо
(Игор Исаковски)

Со Иван Илиев – Бано се познавав добри дваесет години. Беше тазе дојден во Скопје, исклучително позитивен и пријателски настроен лик полн со љубов и ентузијазам за македонската сцена. Тоа беа години на создавање на новиот независен музички бран во кој Бано силно сакаше да учествува, да го промовира. Беше фан. Се вработи како фотограф во тогашниот дневен весник Вест и неговото влијание веднаш се примети во медиумскиот третман на она го работевме. Тоа беше негово дело. Беше шармантен и харизматичен тип со дискретен кочански акцент, па лесно ги фаќаше новинарите од забавната редакција на тоа. Нашата музика не беше забавна, но тој некако успеваше да се избори за вниманието на еден прилично популарен дневен весник во тоа време. Низ годините, Бано дефинитивно стана неразделен дел од тој бран како негов голем другар и поддржувач.
Во меѓувреме се врати во Кочани каде се ожени и направи семејство.
Некаде во 2018 година, кога го работев Бела птица црн бран, дојдов на идеја омотот на албумот да биде негова фотографија. Му се јавив да му кажам за ова, беше воодушевен од идејата, ми испрати цела дузина негови фотки и колажи што ги работел низ времето (подолу се во галеријата). Некое време разговаравме на оваа тема, баравме, биравме, за на крај да се одлучиме за чичкото на cherry picker. Беше природен избор, и некако најточно ја поврзуваше неговата личност со она што го работи. Така, нашето повеќегодишно дружење доби круна, фото-мементо што секогаш ќе ме потсетува на овој неверојатно мил и прекрасен човек.
Набргу потоа со семејството замина да живее во Сан Франциско. Се допишувавме од време на време, се интересираше за нова музика, дали нешто се спрема итн. Последен пат се пишавме во еден топол ден при крајот на пролетта 2025 година, се интересираше за новиот албум (Може и така, драги) кој тогаш беше при крај. Му раскажував во детали за идејата, музиката, текстовите. Беше возбуден исто како на почетокот, рече дека едвај чека да го слушне. Неколку дена потоа, почина. Не знаев дека е болен, нашата последна преписка всушност била само за да се поздрави. Херојски тажно.











Неодамна се одјави легендарниот басист на Бастион, Љубомир Стојсављевиќ – Кучкар. Ни подари еден генијален албум со виртуозно отсвирен бас, музички паметник за сите времиња. Тешко е да не го засакаш овој човек уште на прво слушање, без разлика дали лично го познаваш. Вечна му слава и сеќавање.
Малку познат факт е дека живееше во црвената кула во Кучкар маало (маалото не го носи името по него).
Истоимениот деби албум на Бастион од 1985 година може да се чуе овде.

Златко Трајковси – Хинки замина во полето, ни остави многу коски за глодање. Беше скопски фраер, мистик и полнокрвен уметник што го инсталираше андерграундот овде, беше негов неимар. Легитимен, модерен наследник на сјајните генерации наши сликари со храбар, трансгресивен дух. Имав среќа да бидеме комшии со термини во Стотројка, па често остануваше на муабет. Беше крајно отворен и луциден во мислата. Беше и опседнат со гаражниот рок звук, со голема страст зборуваше за Captain Beefheart и Frank Zappa, преку нив како да ги откривше пократките патеки до изворот. Остави многу позади себе, како индивидуален уметник, исто како и дел од групата Зеро, можеби најважниот арт колективи на овие простори, македонскиот одговор на Fluxus. Неговата ретроспективна изложба во Мала Станица беше една од најдобрите што сум ги видел овде. Велик е Хинки. Помеѓу големиот ликовен опус, неговите инсталации и перформанси, некаде вреска и овој мал музички обелиск, опскурен и пророчки точен до таа мера што го предлагам за официјална химна на она што по навика сѐ уште го нарекуваме држава. Кликни овде и гласај.








