
На тротоарот близу Универзална сала се случуваше голема драма: една мачка тормозеше еден скакулец. Скакулецот преплашен се обидуваше да ѝ избега, но таа со голема леснотија го ловеше во скок и го приземјуваше без притоа да го повреди. И така цело време. Тоа што за него беше кошмар, за неа изгледаше како разонода во летната скопска вечер. Скопје е инцидент во просторот. Една голема системска грешка која не може да биде исправена, туку само перпетуирана во својата инхерентна нелогичност и анархичност. Со други зборови, тој е главен град на апсурдот, ако апсурдот може да се материјализира во бетон. Aко бидеме доволно строги – може. Бла-бла-бла… Лесно е да се биде критичен кон него и притоа да се остави впечаток на разумен човек, но реалноста е доволно неповолна и грда за да останеме разумни во улогата на нејзина жртва. Тоа не е доволна утеха. А и досадно е. Сепак, треба да се има одговорност за приказните и сеќавањата, за маалата и љубовните воздишки, за личните искуства. Ако тие се апстрактна категорија, тогаш таков може да биде и градот. Така што, да бидеме доволно будалести и современо неодговорни кон реалноста и да речеме дека можеби е потребно тој да се реобмисли низ неговото доживување како алтернативно присуство. Притоа, постојано да се дополнува и довршува како модерна фантазија по свој личен избор. И така цело време… Скопски сновиденија е концепт, состојба на континуиран привид на градот како романтична фантазмагорија – онирично доживување надвор од реалното, а кое произлегува од реалното. Нешто како микс помеѓу најпријателското психоделично искуство и првиот љубовен креш. Или можеби негово надреално толкување како во расказите на неповторливиот Влада Урошевиќ. Сеедно. Тоа Скопје ќе го наречеме – Калеидоскопје. Град на лично додадена структура од димензии, бои и слоеви на една интимна паралелна стварност која се случува ако доволно долго го талкате, сакате и – го замислувате поинаков. Само така ќе ви проговори кажувајќи ги неговите тајни онака како што Чехов сугерира дека актерот треба да му пристапи на својот лик ако сака вистински да го „оживее“. Ниедна реалност не е доволно реална за да не може да биде заменета или креативно интерпретирана и интервенирана. Конечно, реалноста е она што ќе се договориме со себе и евентуално со уште неколку луѓе околу нас, зар не? Само треба да се биде доволно отворен за „чудовиштето“ кое несмасно ве пристиска и ве гуши од што не знае како поинаку да ја изрази својата благонаклонетост. Со шепите постојано ќе ве приземјува како би останале во негово друштво, но без никаква опасност да бидете повредени. Зар тоа не е љубов?
