Уна е девојка од Скопје. Родена и порасната во населба Аеродром, во семејство на бегалци од Егејска Македонија. Религиозни луѓе. Чесни патриоти со силно конзервативни сфаќања за животот и општеството. Уна е лезбејка. По еден бучен конфликт со домашните, ќе го напушти домот и ќе се пресели во едно поткровје во Дебар маало. Кај Нина.
Нина е дете од разведени родители, адвокат и забен техничар. Нивното разбирање за нејзината сексуална определба е мотивирано од потребата да ѝ ги компензираат траумите од детството полно со кавги и взаемни изневерувања. Затоа и ѝ купија мал стан во едно поткровје во Дебар маало. Поткровјето стана нивниот заштитен свет. Ги живееја девствените фантазии, исто како на филм. Ѕидовите ги обоија во секакви бои, ги наредија со украси и спомени, слики од летувања, школски сеќавања… сенешто. Се радуваа на секој нов ден. Пиеја убави вина, си подаруваа цвеќе, книги и изјави за вечна љубов.
Во аголот на поткровјето имаше едно старо пијано и неколку кутии. Татко ѝ на Нина сметал дека треба да остане, делумно и дека неговото отстранување претставувало технички проблем. Било на претходниот станар, кираџија кој живеел таму цели 10 години. Некој германски истражувач ангажиран од македонската влада да помогне околу некаков вреден минерал во рудникот Алшар. Дирк. Во слободно време свирел пијано, читал поезија на Хелдерлин и пиел. Кутиите беа полни со џез и блуз плочи, од Монк и Елингтон до Волф и Диксон, иако најизлижан беше белиот албум на Битлси. Ги слушал во ноќните часови под стилската столна ламба искривен од умор и скап американски бурбон. Кога не свирел. Загинал во сообраќајна несреќа возејќи пијан кај Демир Капија. Барем официјално. Во градот кружеа разни теории околу неговата смрт. Уна и Нина беа силно заинтригирани од неговиот живот, иако знаеја малку. Дотолку повеќе. Беа заведени од мистеријата присутна во секој агол од поткровјето. Му ги читаа старите писма и ги мирисаа црно-белите фотографии од времето кога бил млад хипик во Минхен. На една беше со Уши Обермајер. Имаше бистар поглед кој оддаваше сигурност од знаење, иако криеше некаква болка која само делумно можеа да ја откријат од писмата. Го прогонуваше бурно минато, претпоставуваа. Некако го доживуваа за близок. Исклучително близок. Со ритуална посветеност ги слушаа неговите плочи до доцна во ноќите исполнети со страст и лесни опијати. Беа голи. Пијаното ги посматраше.