
Каде и да одеше светот му стануваше сѐ повеќе познат и поблизок до она дома. И покрај тоа, рече: тие што останаа се поети. Мора да се.
Сме. Нашите импровизирани погледи на свет, сета таа кротка анархичност, тоа е чиста поезија. Со неа гушнати се браниме од злото, дека војска немаме. Само митови. Туѓото срање не е и наше, ќе речеме. Ние знаеме за глад, студ и неправда. Илјада години. Калта е удобно топла и со вкус на непризнаена слава. Сиромаштијата е врвен чин на историска доследност. Дека сме поети. Илјада години. Под мостови единство, во лудоста мнозинство. Улиците полни со дупки што водат до скршените срца на оние со преголеми очекувања. Затоа пишуваат, скришно. Сенешто. Понекогаш писменоста ни оди, напишавме доста книги со убави зборови, некои љубовни. Сепак недоволно. Недоволно да се сакаме. Во волчја ноќ, секој секому волк, никој никому ближен – активисти и циници, патриоти и предавници, мажи и жени современи, секој ден, целата таа дихотомија на омразата овде – и тоа е поезија. Мора да е. Мора. Тие што останаа се поети. Сме. Ја разбираме празнината, иако срца кабасти ни се. Меланхолијата е наша одбрана. И брзина. Дека брзината не ја разбираме. Ќе помине и таа. Полека. Исто како вистината – obsolète comme de la merde. Кон арката на европските фантазии ќе тргнеме тогаш кога треба, полека и со песна. Ако треба. Иако веќе не сме сигурни во победи пред крајот на светот. А и оваа апокалипса како да стана ТВ сапуница. Се омалодуши, сирота. Липса. Како лик од македонски народни приказни кој не е принц. Да. Тоа сме ние. Малиот принц кој НЕ ја убива ламјата. Дека сме поети.
