
Борбата за себе секогаш се сведува на борба против себе.
Сцената кога феноменалниот Клерк Гејбл се бори со див коњ со намера да го скроти за да го продаде на локалната месна индустрија е веројатно една од најмоќните што Холивуд ги испорачал било кога. The Misfits (1961) на Џон Хјустон е филмот. И сѐ би било ок, борба за опстанок, ланец на исхрана, бизнис, итн… доколку Гај Ленгланд, ликот кој го игра Гејбл, заедно со неговата верна каубојска дружина не се романтичари, ретка сорта слободољуби кои живеат на маргините на американскиот сон како доминантна социо-економска парадигма на тоа време. Независни. За да останат такви, меѓу другото, ги заловуваат сите тие прекрасни суштества по висорамнините на дивата Невада. Цели семејства. Иронијата е јасна, се борат против сопствениот животен принцип – против себе. Таква е цената на нивната „независност“, привилегијата да не си ги загубат душите во „експлоататорскиот труд“ како би се препуштиле на магичните изгрејсонца, музиката на Глен Милер и друштвото на млади, згодни девојки во денови натопени во многу бурбон и поезија. Крикот на коњот како се бори до последниот атом на својот опстанок е истиот оној од истоимената песна на Ален Гинзберг, на Иги Поп во Raw Power, Ричард Хел, на лудиот Џејмс Браун и уште полудиот Лукс Интериор, на Рендл Мекмарфи, Џенис Џоплин, Пети Смит, Дин Мориарти… и на сите други забегани и заебани (анти)херои на човечкиот интегритет отаде оградата на современите друштва. Сите тие млади играчи по сопствени правила, слободни во личниот порив, хаос и дарба – незаловени. Рокенролот, и рок културата воопшто, е симболот на таквата состојба, комуникациски канал, емоционален договор со младоста контра системот кој заловува, адаптира и припитомува. И покрај тоа што е сериозно оштетен, загубен во својот архетип, искомпромитиран и злоупотребен како саундтрак на „младешката бунтовност“ и fake free стратегиите. Препакуван во ангажиран облик на забава, дури и стимулиран/субвенциониран во име на сопствената безопасност по системот и неговите постмодерни техники на преработка на културни митови. Во роба. Тој е денес музејски експонат пуштен во надворешен промет, налик на оние јадни имперсонатори на Елвис, Ленон или Милан Младеновиќ. Лошо посредуван сентимент. Споменик. Култура. Ужас. Иронично, рокенролот денес се бори против самиот себе. Против својата изворна контра-културна идеја која историски го загубила социјалниот и политички контекст. Попат и целата семантика. И став. Тој е денес мерка за дезориентираност на современото друштво изгубено низ лавиринтите на потрошувачкиот галиматијас на систем кој очајно се обидува да опстане. Во апсурд и небиднина. И во комфорот на дигиталното униформие. На сите случаи на неумереност, израз на изворен крик и лудило, музичко своеволие, реметење со гласен, смрдлив здив и со тешки тонови по тешко стекнатиот кафкијански коктел од мир и комфор, глобалниот сервис на кликови ќе им пресуди. Ќе ги удави во сопствената комерцијална ирелевантност. Пазарот е цензорот. Затоа денес, во борбата на рокенролот со самиот себе, предизвик е да се препознае и легитимира вистинскиот. Не дека е тешко, туку дека фанфарите на лажните верзии свират така гласно, а кликовите им се м(н)ожат како овци на свежа ливада. И како во борбата на „независните“ протагонисти во The Misfits, можеби е лесно да се падне на шармот на безвременскиот Кларк Гејбл и да му се поверува на каузата вредна и убивање диви коњи, барем сѐ додека врисокот на совеста на љубената му Рослин Тејбер (Мерилин Монро) не го принуди да ги пушти низ бескрајната шир на дивата Невада. Слободни и меѓу нас.
