
Веќе некое време во Злокуќани не се разденува. Всушност, не е ни комплетен мрак, некоја недовршена зора, бледо лила. Истата состојба е од моментот кога Станимир, успешен претприемач и виден граѓанин, ги застрела младите љубовници од Бардовци. Без предупредување, двапати – во глава. Бенг-бенг. Беа голи и гушнати во неговиот двор, свежо слободни. Оттогаш е така – ни ден, ни ноќ. Останатите жители, не можејќи да го поднесат тоа лилавило, почнаа да заболуваат од болести поврзани со нервниот систем. Ден не видоа. Еден по еден ги напуштаа големите и богато опремени куќи за да се вратат во градот од каде еднаш веќе беа избегале. Луксузот им немаше раат. За помалку од една година Злокуќани стана проколнато и напуштено место.
„Имаме мајмун со безжичен имплант во черепот кој може да игра видео игри со својот мозок. Имплантот не може да се забележи, а тој е среќен мајмун“, рече Илон Маск, основач на компанијата „Тесла“.
Последниве десетина години, елитни светски умови од разни области интензивно работат на економските, етичките и психо-социјалните ефекти од трансформацијата на човештвото кон надоаѓачката ера на вештачка интелигенција и трансхуманизам. Извесно е дека повеќе милијарди луѓе би останале без работа, фабриките и превозните средства ќе станат автономни, проектирањето програмирано, администрацијата – глобален технолошки вишок, дури и сложените стратешки одлуки би ги носеле суперкомпјутери. Роботи ќе го преземат севкупниот механички домен. Музиката ќе ја создаваат комплексни алгоритми согласно моменталните невростимулирачки потреби на човечкиот мозок кој со помош на разни безжични импланти ќе ги унапреди своите перформанси. Помеѓу другото и да делува пристапувајќи до неограничени бази на податоци и содржини со брзина на мисла. Земјата, водата и воздухот ќе бидат значајно токсични, храната одгледана и произведена во вештачки услови, но сепак безбедна. Сѐ ова во светот денес е само историска предигра, лудистичка драмолетка… можеби последната политика.
Економскиот модел предвидува секој да добива некаква плата како надомест за покривање на материјалните потреби без да оди на работа. Така, човекот исфрлен од материјалниот промет, без формална општествена продуктивност и социјален ангажман, станува дисфункционален потстанар во неговиот Свет (А кој рече дека е негов?). И леб и слободно време, тоа значи. Ова второто отвора простор за можни (авто)деструктивни и субверзивни дејствија насочени против вредностите на дигиталниот поредок и новата парадигма. Затоа, потребни се игри, секакви игри. Чудесни аркадни светови, акциони симулации, допамински стимулации, виртуелни возвишенија, вештачки раеви – хипереалистични суспститути на она што го познаваме како (контаминиран) Свет околу нас. Мајмунот ќе стане среќен. Ќе бидеме конечно слободни, без сеќавања и конфликти, без потекло и меморија, заиграни, безљубни неврони, анархично расфрлани низ бесконечниот дигитален вортекс. Зората ќе го открие новиот хоризонт на глобалниот унифициран хиперколектив. Секоја неприлагоденост и непослушност строго ќе се казнува, а оние кои ќе страдаат од некаква скрб, меланхолија или носталгија по некогашното човештво, ќе бидат ставени на ефикасни преобразувачки третмани. Малкумината заблудени и заостанати љубовни парови ќе бидат сместени и третирани за одвикнување во специјализирани психијатриски установи во близина на големите градови. Под строг лекарски надзор и добро обезбедени од можни бегства…
