
Едно дете во бескраен занес ги врти педалите на својот велосипед без притоа да знае дека го одржува еквилибриумот на ред и неред во светот – го обезбедува со неопходната енергија за живот. Пејсажите по патот му се редат како волшебни креации од првиот калеидоскоп што го доби за својот петти роденден. Всушност, тоа беа истите слики. Светот му се отвари, еднакво чудесен, реален и пред неговите очи. Звуците што ги разминуваше најпрво беа осамени импулси во етерот. Со време, се соединуваа во импровизирани дискорди, пред да станат совршени хармонии – љубов. И обратно. Тоа беа луѓето. Зајурен и далдисан, не чувствуваше ништо за она што го остави дома, неговите загрижени блиски и неделните семејни молитви пред ручекот. Беше повеќе од жив. Ќе се замори ли?
