Сите сме удобно сместени во своите трла – добро изолирани општествени фрагменти во кои се дистрибуира соодветната вистина и занесот што доаѓа со неа. Жртви на цврстото убедување како просветлени малцинства на реалноста, а всушност секој во ладот на сопствената сенка. Безброј идентитетски заедници чмаат во своите тунел-визии, групирани длабоко во ситните пиксели на големата слика. Таа друштвена специјализација строго по линија на лични/групни интереси, афинитети и трауми го реконфигурираат општеството од копно во архипелаг – множество од острови на можни вистини. Општество со мултиполарна нарушеност. Такво, политички, културно и психолошки децентрализирано, безбедно во тесните граници на психолошките кластери, бива совршен плен на алгоритмите на машинското учење и вештачката интелигенција. Информациски дотур со дигитални лопати секој ден – ѕидовите сѐ повисоки. Денес дефиницијата за либералното друштво мора да ги вклучи карактеристиките на поделеност, неповрзаност и анестезираност. Живееме во различни соби(chat rooms) на мрежни фантазии под идентитетските тагови на: трамповци, либерали, гејмери, егејци, глумци, педери, металци, научници, наркомани, независни, педофили, дијабетичари, фудбалски фанови, фанови на тв серии, феминистки, вмровци, поети, колеги, антиваксери, билдери, војводи, господа, рамноземјаши, фанатици за здрава храна и здрави навики итн. Преклопувања и меѓусебни средби се можни, но ретки. Притоа, реалноста и животот, светот или етичките вредности се разбираат строго низ призмата на таа конкретна утопија и нејзиниот програм. На пример, неправдата за фановите на некој фудбалски клуб нема врска со трагедијата во Кочани или геноцидот во Газа, туку со тенденциозното судење против нивниот сакан клуб минатата сабота. Светот за нив е нефер таму. Освоената титула е најврвниот можен животен дострел – колективна екстаза што ги анулира сите општествени и социјални хендикепи. Битката за вистината на рамноземјашите е макотрпна и секојдневна – за нив нема поголема неправда од заблудата на големото мнозинство по ова есенцијално прашање. Физичкото насилство врз човек, член на некоја малцинска група станува сензитивно политичко прашање за разлика од ќотекот што ќе го изеде некој ,,обичен” на улица без посебна причина, тогаш тоа е безбедносно прашање. Во тие симулакруми исчезнуваат општествата барем онакви какви ги знаеме. Во таквата општествена редукција, отпорот на било која категорија освестено граѓанство станува бесмислен. Нема кон што. Државата е збунета, конфузна и во полуавтоматски мод. Таа фунционира како деидеологизирана франшиза што само формално ги држи рацете на кормилото, бродот е воден од глобалните системи за навигација – chain supply/ланците на снабдување, инвестиции, кредитни линии, колективни системи за безбедност, информациски технологии, популарна култура итн. Со други зборови, таа е само клиент сервер на големиот матрикс, негов овластен сервис, регулатор и извршител на задачи. Нејзината функција е сведена на ситно менаџирање на локалните ,,реалности”. Факт е дека ,,вистината” повеќе не се дистрибуира од центарот кон периферијата, туку обратно. Во тие услови државата е немоќна да ги интегрира сите наративи на трлата како би создала универзален идеолошки модел по урнек на старите државни системи. Тоа денес е невозможно, а и непотребно. Таа само треба да ги констатира тие групи од дисоцирни припадности и да ги валидира како општествени категории внатре, сѐ додека се дел од функционалниот економски/потрошувачки модел како единствен систем на интеграција и јавен интерес. Уште повеќе, да ги контролира и држи во меѓусебен антагонизам како би ја потрошиле целата социјална енергија на можен револт кон неа. Сѐ додека испорачува минимум економска стабилност и чувство на безбедност, таа е ок. Владетелот како надзорен орган и контролор на франшизата дадена од големите сили може спокојно да се посвети на коруптивни дејанија и криминални дилови со моќниот приватен сектор. Во меѓувреме трлата се мирни како дечиња чии родители им ги дале мобилните телефони како би се отарасале од нивните постојани кенкања. Сѐ е во ред.