Кој е кој овде
Да ни е да сме кибарни
Ко што сме немарни
Да се слушнеме прво
Макар и молкум
Не, овде срцето чука лета
Палавее до таму што
Крвотокот се слуша
Струи шиба угоре – удолу
За тој да биде цврст – исправен
И во ден и во ноќ – сигурен
И во сон да е тврд – утврден
Да не мекнее
Само така
Да се знае
Кој е кој
Овде
Жена
Го променив полот
На неколку дена
Само да видам
Како изгледа маж
Што го глуми Богарда,
Рацина Коста, Роки…
Нежни души сетики
Воини пред народ – инаку
Убави мажи грамотни
Скромни по душа, реков?
Сите се тегнат кон небо
Ѕвезда да ми симнат
Безнадежно
А ги носат
Во себе
Не знаат
Тие
Сироти
Каскадер
Мојот ум мирува
Откако ја виде
Инаку е каскадер
Мојот ум
Пропаст
Современи стремежи кон пропаста
Барем да е модерна, ако е
Модерен е срамот да се угине
Од поплава или земја отворена од јад
Да проголта и живо и здраво
Како во старите книги за гревот
Не, пропаста треба да е наше дело
Човек да е автор со потпис и труд
Со тапија и восклик Бог земски дeка е
Луѓе да го следат и камен од камен
Ништо да не остане за век и веков
Билдер
Јас сум билдер заумен
Можам да подигнам цели
Градови и села
На планина да се навалам
Да починам ако треба
Да го ставам светот в џеб
И да задоволам жени во најполн ек
И тоа можам
Ама не сакам
Жена што сече месо
Имам срце на жена што сече месо
Едноставни движења
Православен календар виси на ѕидот
како потсетник на важен мртовец
Ме потсетува да молчам спокојно и
да подредувам делови скап леш
Некои усти ќе бидат сити поради тоа
Притоа ќе зборуваат за светот како за стариот двор од детството, пополнети, добро облечени, на маса со свежо набрано цвеќе и слатко вино
Ќе се сликаат на почетокот
Дека крајот нема да биде убав
Но, некои денови се такви
Ги води проста македонска песна
што не ја префрла смртта баш секогаш
Всушност, таму запира
Ќе сакаат да е само лош сон
Но, јас сум жена што сече месо
И единствена што носи одлуки за тоа
Загуба
Победата нѐ издвојува
Загубите – поеднаквуваат
Смртта е иста за сите
И сити и останати
Обединети остатоци во
Празнината што ја лебдат
Сѐ помеѓу е борба стара
Колку и сонцето
Она што бдее врз
Сите лаги и заблуди
За лажно себство
Чемерно
Чекајќи ја смртта
Загубата
Нѐ
Поврзува
Стомак
Мојот живот пушти стомак
Се далдиса тој сирот
Му избега младоста сал
Споменик ѝ крена од жал
Градски ѕид
Нешто бара да опстане
Не дава мир
И боди и рие
Да биде
И врие
Да пушти глас
И бара спас
Нешто упорно
Сака да остане
Да дава
Да игра
Да додава
Квадрат по квадрат
Во круг да врти
И сака да сум жив
Како редок вид
Од Градски ѕид
Друга планета
Секакви луѓе од секаде
Ќе пробуваат да слетаат
Со сите свои
Непораснати делови
На друга планета
Ќе стигнат само
До својата песна
Може и така
Драги
Свирци
Мелено месо на акција. Гужви, тепачки на каса.
Со заби искршени риеме во масниот куп, не знаејќи
оти бисери е полн. Пред свињите фрлани биле.
Аргументи и фини манири.
Апели демек на здравиот разум.
Здив вдахновен чеден.
И градби секакви.
Поезија.
Стил.
Све изеле, крмаци. Све.
Риеме потем сложно во месото нивно, диво. Маф!
Ѓердани блуеме сетне сјајни, масовно и гордо.
Накит сереме гласно. Yeah! Извоз. Раст, принципи
и све тоа. Следно ниво.
На плоштади шетаат господа разни, ерекции,
консензус, такви работи. Дами со шешири во
широк лак и говор правилен, европска слуз од усти
им тече. На пешачки младина кроце си врви
со песна и смеа јака. Правна држава, еееј.
Мераци сегде. Џам.
Вардар гледа, се помочал и тој од среќа. Остро и
без усул, млаз ко на пијан војник му е. Млад. Води.
Ги повлече галиите скопски накај Солун лесно,
на весели гости им покажа патот.
И скршената тргна, прва што е. И она. Зајури.
Засвирете, свирци мои, ќе рикне еден внатре
со заби сите на број. Три Свирци се во ноќта фактор,
орган на радост, гемиџии тие. Организација водат важна.
Целадае, ќе си речат пред да почнат. Акција!
Музика. Тактови летаат, фршти… Слушај ваму, еј.
Редок ден
Денес е тој ден
Редок ден
Кога ништо не ме боли
Ќе напишам песна
Песна
Ко златно жолти полиња
Наши плодни години
А внатре само тие
Срца кабасти
Во добро утро
Ќе ме разбуди од овој сон
Во суво грло каде што и припаѓа
Афионови полиња се зборови
За сите мисли неиздадени од нас
За еден здив и една тишина да станат глас
За наши години
Во ек
Во бела руба таа кога доаѓа
Во златно жолто никогаш не умира
Памети за да не ги изневерува
Да биде љубов која не завршува
Интроверт
Ме викаат интроверт
Возам само по обиколници
Бегам од досадни ходници
Располагам со зборови што
Не ги трошам на тролови
Акција акција акција
Што е тоа акција?
Знам само за реакција
Пијам пиво и добивам
Ебена сатисфакција
Анимиран филм
Живеам во анимиран филм
Горе Водно долу дим
Околу изгорено
Така е нацртано
Светлост
Да се лета на Уран
Да се падне во Скопје
Да те држат на ланец
Да е краток ко живот
Да ти кажат во лице
Дека немате среќа
Дека среќа е она
Што се раѓа со тебе
Со тебе…
Светлост доаѓа
Светлост доаѓа
во темни соби
Светлост доаѓа
во мрачни улици
Светлост доаѓа
на таа страна
Светлост доаѓа
не се вртете
Нека падне во Бутел
Центар и Хром
Нека падне во Чаир
Ново Лисиче
Нека падне во Влае
Ѓорче, Аеродром
Нека падне во Ченто
Облак
Далеку сте од мене, сончеви зраци
Не стигате, нешто ви пречи?
Мојот табиет, ли е? Гневен, див?
Во облак што демне – темен и сив?
Ротердам
Уште малку
Па Ротердам
Сѐ е чисто
Во Ротердам
Нешто недостига
Сепак пловиме
На пат за Ротердам
Ветар неповолен
Бура насилна
Бранови
Внатре Политика
Пак сме во Африка
Политичар
Познат си ми од некаде
Можеби од градот Ној
Ти си тој што глаголи
Само за народот свој
Преку црта, таму праг ти е
Преку курот на сите им сте
Ти и твојата илузија
Дека никој ништо не гледа
Под ова небо железно
Ќе се претвориш во стихија
Статус кво за слабите
Ќе им кажеш – политика
Штетник
Поетот е штетник жив
Кука жали преде
Не сака да дофати
Работи едни
За секој друг што се вредни
Бара свемир во сѐ
За немир да најде секаде
Анксија го ништи
Немоќен и сирот
Саде занеси сади
Ништо не го вади
Да се протера, барам!
Заразно е.
Да се казни, барем!
Во затвор да е.
Страдање да види
Вистински што е
Та милост да бара
За патот прав да го фати
И во редот да се вгради
За една живеачка чедно
Во труд и молк
Да чека умирачка вредно
Еден атом
Го играме почетокот
Без грижи и правец
Кротки се мислите
Што спијат со нас
Додека газиме по скршеници
Во скапите зони на градот
Гледам бледи погледи
Ме мачат
Те сакаат за себе
Само за себе сакаат
Се проѕевам во топло пладне
Велиш ќе ми биде криво
Повторуваш, криво ќе ми биде
Не разбирам
Си одиш кога е најтопло
Најави со време така
Во стремежот на жена
Што не ја дочекав тоа да стане
Јас, мал премал
Премален
Ќе ти пишувам
Нема да ти пишувам
Ќе те сонувам
Да, ќе те сонувам
Како во песна на Гане
Во мускули што ја чувам
И знам, нема ништо да постигнам
Дека ништо нема да подигнам
Потешко од
Еден Атом
Непораснати
Има делови од градот, таму
кај што светот не пораснал.
Скришум непораснати места.
Оставени, останати во времето
како романтично мементо
на едно лесно постоење.
Тоа непораснување е отпор,
најчовечкото што во тоа име
просторот може да ни го понуди,
чувајќи нѐ од нас самите.
Во нас е.
