Се наоѓаме во исклучително возбудлив цивилизациски момент, можеби се работи за извесен историски процеп низ кој истекува материјалот на човечките достигнувања во науката и технологијата, разбирањето на природата и реалноста, социјалните односи, политичките и општествените системи изградени врз принципите на разум и логика, хуманизам, напредок и благосостојба какви ги познаваме. Она што доаѓа, доаѓа како радикален исчекор од претходното, во околности на забрзување и расцепкување на историјата во вид на потоци од кванти на дисконтинуитетот. Притоа, старите перспективи брзо се заменуваат со нови, формирајќи поле на силна динамичност и неодреденост во брзи циклуси на осознавање на природата и постоењето. Ваквите изместувања се последица и на динамичниот пробив на високите (комуникациски) технологии, јазичните модели на вештачка интелигенција и роботските технологии, продорот на квантната физика и биологија, невронауката и когнитивните науки, итн. Тоа што во следниот период ќе го сведочиме е широка примена на овие знаења што ќе доведе до промена на целокупната перцепција на реалноста, постојните економски модели, а со тоа и целиот комплекс на социјални односи во она што го разбираме како организирана форма на општество. Паралелно, се забрзува и развојот на биологијата што се занимава со модификација на генетската структура, како и технологијата на фузија на атомското јадро со што наскоро може да биде решено прашањето на неограничена достапност на енергијата, засекогаш. Ако на тоа се додаде и надоаѓачката квантна технологија на супербрзи компјутери, тогаш доаѓаме до четирите научно-технолошки пилари на новото време, кои во силна и брза меѓусебна интеракција неповратно ќе ги трансформираат човекот и човечката цивилизација до непрепознатливост. Со други зборови, се доближуваме до моментот на сингуларност, точка во која човештвото ќе доживее експоненцијален раст и развој во сите технолошки домени – скок во нова трансформативна, цивилизациска ера. Дали со тоа ќе биде исцртан новиот хоризонт на пост-хуманизам во кој човекот ќе функционира во биолошко-информациска синергија со технологијата, ќе креира и оперира во безброј нови реалности, драстично унапредувајќи ги своите ментални перформанси? Ќе видиме. Но, едно е сигурно, со ова се подотвора една тешка цивилизациска порта која долго е цел на многу генерации мислители, философи, мистици, верски учители, а тоа е прашањето: што е свесноста – во која форма постои, каде се наоѓа, и како се манифестира во просторот и времето, и пошироко. Денешните дебати веќе се водат во мултидисциплинарниот домен, од повеќе перспективи и аспекти на разбирањето на човекот и природата, а некои од гореспоменатите нови технологии извесно е дека понудија и нови спознајни алатки, забрзувајќи и актуелизирајќи го овој процес.
На пример, принципот на артифициелни неурални мрежи кои се всушност преслика на биолошките неурални мрежи во Ван Нојмановиот архитектонски дијаграм. Потоа, векторскиот просторен модел кој овозможува репрезентација на текст во нумерички вектори во n-димензионалниот простор во кој се остварува математичка споредба и логика во нивното семантичко поврзување. Ова се само два од многуте примери за тоа како во нематеријалниот домен се поместуваат границите на спознавањето навлегувајќи длабоко во мозочната структура на испреплетени неврони и нивните комплексни врски. Притоа, некои принципи и постулати наследени од класичните научни модели се надминуваат и заменуваат со нови и свежи искуства на спознајниот апарат на човековата интелигенција и свест. Продорот во тајните на микросветот ни ја носи квантната теорија како можеби највозбудливата научна мисла која ги трансцедира границите на класичната физика на материјалната реалност, водејќи нѐ длабоко во зоната на спознавањето и себеспознавањето како иманентна човечка потреба. Идејата дека светот на честиците е свет на квантното поле во кое не важат законите на класичната физика, тектонски ја поместува парадигмата со која човекот ја разбира реалноста. Тоа е свет на фундаментално значајна празнина, еднакво важна и полна со информации и смисол колку и ,,тврдите” честици и нивните мерливи карактеристики. Изучувањето и мерењето на карактеристиките на квантното поле водат кон сознанија кои се контраинтуитивни и во еден дел сѐ поблиски до мистицизмот на духовните учења и искуства или метафизичките перспективи и претстави на западната философија од Платон, преку Августин, до Кант и Хегел. Во тоа испреплетување на научното и спиритуалното, материјалното и нематеријалното се одмотува духот на времето кон – повисока форма на свесност.
На пример, квантната теорија, хегеловиот идеализам и древните источни учења се сретнуваат во идејата дека не постојат сепарирани ентитети во строго одредени бинарни или други позиции. Напротив, во природата нештата се организирани спонтано и со степен на динамичка неодреденост преку која се интегрирани во целината – тоталитет. Во дијалектиката, спротивностите се интегрирани во една таква целина од која се појавува нова форма – подлабока, поширока и која ги задржува и надминува претходните. Во таквиот нелинеарен, спирален тек, реалноста секогаш се враќа, но на повисоко ниво. Така таа опстојува со своја тежина во времето и го носи печатот на една неопходност. Според Хегел, тоа е духот кој се појавува како свест за себе, најпрво расцепкан во природата, објектите и институциите, за да потоа, преку мислата, културата и историјата да почне да се препознава во она што самиот го создал. Надворешното станува внатрешно, но веќе преобразено и освестено. Со овој метафизички механизам цивилизацијата го остварува својот спонтан тек(дао) во правец на зголемување на свесноста за себе, природата и Универзумот. Овој силно динамичен тек преполн со неодреденост и распределба на можности е во сржта на квантната теорија – квантното поле. Во него брановите се во постојана интеракција – се собираат, се преклопуваат, засилуваат или ослабуваат еден со друг, егзистирајќи во повеќе состојби истовремено, како можности на реалноста одредени со брановата функција. Дури при набљудување(комплексни мерења во строго контролирани услови) се одредува позицијата на честицата во полето со максимална веројатност, при што реалноста се остварува во еден конкретен исход. Дали притоа, полето под влијание на набљудувачот пројавува свесност? Дали таа постои надвор од материјата? Ова е едно од многуте прашања што оваа страна планира да ги отвори во еден поширок научен контекст, пренесувајќи, интерпретирајќи и полемизирајќи со некои актуелни мислители и нивните постоечки теории. Некои од нив, не се повеќе меѓу нас, но нивните тези се фундаментални, научно референтни и зачувани како силно историско ехо низ времето и просторот.