Крикот е основната супстанца на секој израз, внатрешен или надворешен. Ако го нема, тој човек треба да работи во администрација. Тоа е изворниот принцип на поврзување на себе и надворешноста во единство, првиот и единствен акт кој го означува раѓањето. Епитом на самото постоење – вредно за постоење. Молкот е софистицирана состојба на исклученост, продуховена во дијалогот со празнината. Но, крикот е вистинскиот триумф на верата, гласот на внатрешниот Космос (ис) пуштен да стане ехо и – да создава Космос. Да соопшти постоење. Замислете ги екстазите на Трејси Лордс без нејзиниот еротски крик или оној на фудбалерите на Вардар кога ја освоија титулата во 1987 година. Дури и луѓето кои за време на натпреварите продаваа семки и сончоглед на јужната трибина, без крик не можеа ништо да продадат. Крикот на самостојниот продавач е гласот на неговиот биолошки опстанок, пробив низ анестезираната стварност која е без разбирање за неговите потреби – тоа е поезија. Поезијата е крик.

They saw it all! the wild eyes! the holy yells! They bade farewell! They jumped off the roof! to solitude! waving! carrying flowers! Down to the river! into the street!
(Howl, A.Ginsberg)


Беше студена ноќ во декември кога отидовме со еден другар да ги гледаме Лајбах во живо на некој фестивал во Скопје. Салата беше полна со луѓе кои го познаваа нивниот опус и беа подготвени комплетно да им се предадат. Другарот не беше еден од тие. Дојде на концертот без никакво познавање на нивната музика, немаше очекувања. Дојде колку да излезе од дома. По 40-минутно чекање, сцената ја поклопи еден исклучително моќен аудио-визуелен акт. Низ тој спектакл од бои, слики и звуци почна да продира гласот на фронтменот, господинот Фрас. За кратко време бендот го анимира сиот тој голем и студен простор и умешно ја вовлече публиката во својата техно фантазмагорија. Другарот не беше исклучок. Очите задоволно му светеа потполно поврзувајќи се со нивниот перформанс. Беше презентер на вести и други медиумски содржини, живееше пристојно од својот глас. Тоа е дар од горе. Чист талент со кој можеш само да се родиш, никако да го стекнеш. Соопштуваше и добро и лошо. Понекогаш чувствуваше извесна непријатност кога ќе слушнеше како другите напорно учат и работат за да си ја остварат егзистенцијата, за разлика од него. Повеќето луѓе се мачат, познато е. Беше емпатичен, некако се залагаше за нив, барем и тогаш кога со посебен жар ги читаше вестите што им одеа во прилог. Им додаваше вредност, некако.
Како изминуваше времето, така растеше протагонизмот на господинот Фрас. Со неговиот длабок и продорен бас авторитетно ги соопштуваше политичките погледи на групата, стрелајќи рафали од зборови и мисли. Светот беше нивен, вистинска демонстрација на art as power. Публиката во екстаза. Некаде на половина од концертот направија кратка техничка пауза која публиката ја исполни со овации и силен аплауз. Потоа завладеа тишина која требаше да ја најави следната песна. Но во тој момент се случи нешто потполно неочекувано. Мојот другар, насочен кон сцената и исправен во став со кој се соопштува нешто значајно, испушти неверојатно громогласен крик кој се завлече низ целата сала. Траеше и траеше. Беше тоа долг, примордијален звук со кој ја распара најавувачката тишина. Му се обрати на бендот и на сите присутни кои беа во неверување од силата на гласот. Тоа беше неговата изјава на и за животот. Реакција на нивната уметничка провокација, извесно соединување. Крик на крик. Беше предизвикан ѕверот во него, длабоко под слоевите илјадници години цивилизирано човештво, навидум припитомено. Го ослободи битието. Го ослободи од сите политичко-комерцијални манипулации кои го изнајмуваа неговиот глас за да бидат соопштени. Тоа беше неговиот ултимативен акт на постоење. За прв пат вистински се најде надвор од улогите кои му беа доделувани од безмилосно лажното секојдневие. Да го рекламира. Концертот продолжи длабоко во сенката на неговиот крик. Во него неминовно се оствари.