
Те гледам во шолја чај
како се бориш со принципи,
одраз на извесна пристојност,
ти копиле на вистината…
…Нешто како мал, вреден предмет заглавен во центрифуга од машина за перење алишта, во џеб од фармерки. Заборавен. Зборот џеб понекогаш се комбинира со зборот отпор за да се опише нечија посветеност кон идеал од кој веќе сите се откажале. Отпорот е бесполезен, ќе речат. Барем денес, кога утрата не се веќе студени. Зората ги раѓа такви за да поетите повеќе не ги поврзуваат со слободата и работничката класа. Веќе никој не ги памети. Сеќавањата се форма на психолошки отпор. Порано тоа беа фантазиите за иднината, древната иднина од научно-фантастичните романи и Холивуд. Некои луѓе добро се сеќаваат на тие филмови, златно доба на флуоросцентната илузија. Денес не е така. Стана јасно дека све е л’жга, вешта политичка измама, дека човекот воопшто не ни стапнал на месечината, а Земјата е рамна како омлет со отровни печурки во Пелагонија. Се збори дека на времето таму се собирале разни хипици на психоделични сеанси и некакви окултни ритуали поврзани со култот кон афионот. Неслучајно таму пораснала првата брокула како богат извор на антиоксиданси и важен чувар на човечкото здравје денес. Некои луѓе сметаат дека шансата за економска преродба на Македонија е да стане рај за дрогерашки туризам. Плус коцка и легална проституција во пограничните места. Во Охрид има 365 цркви, барем така викаат. Таму често одат туристи од Холандија каде дрогата е доста легална. Сепак, таа земја остварува несфатливо големи приходи од извоз на лалиња. Цвеќе. Нејасно е кој денес уште купува цвеќе. Познато е дека некои букети постојано кружат од едни до други подарувачи додека не овенат. Исто како и бомбоњери или куферчиња со сребрен прибор за јадење. Од една до друга свадба. Проблемот е што младите денес сѐ поретко се земаат. Најчестиот изговор е дека ќе ја изгубеле слободата. Други сакаат да се посветат на градење кариера во областа на микробиологијата, на пример.Оние кои ги измислија вакцините против корона вирусот се нивни херои. Им помогнаа на луѓето да не живеат како во затвор, да можат повторно да излегуваат и да се гледаат со други луѓе. Иако некои велат дека за време на карантинот повторно го откриле домот како свое огниште. Толку се навикнале на целиот хаос кој владеел надвор што заборавиле на удобноста на домашниот амбиент. Во новооткриениот мир станале многу посвесни за проблемите во светот и потолерантни кон различностите. Рака на срце, има и такви кои често се карале бидејќи не биле навикнати да поминуваат многу време заедно. Дури и се затепувале за неважни работи како на пример, колку да биде варена брокулата. Интересно е дека така не било на времето кога биле љубовници. Кога поминувале многу време заедно во барови, убави ресторани или на кино гледајќи филмови како Титаник и Лепа села, лепо горе. Кога со нескриена возбуда поминувале и до половина ден по продавници за да си купат еден на друг некаков вреден предмет за подарок, уредно спакуван во портокалова украсна хартија. А внатре, една многу мала музичка кутија која може да ја свири My Way, долго време заборавена во задниот џеб на едни стари, одамна необлечени фармерки.
