Кога скитам често носам едни црни патики што личат на чевли. Ги купив на попуст. Откако научив да ги одам, станаа доволно удобни за да ги издржат и најнерамните патеки по кои се движев. По одредено време почна да ме боли петицата, помислив дека е од умор и дека ќе помине. Не поминуваше. Требаше да проверам дали патиката е во ред. Но, никогаш не го вртам ѓонот, никогаш. Сите траги на него, сета таа налепена историја, тоа се неговите тајни од бројните улични доживувања и затоа таму не треба да гледам. Сепак, разминувајќи се со луѓе, сакам да им ги наслушувам разговорите. Пред некој ден, еден полничок старец беше седнат на клупа покрај кејот и разговараше на телефон. Имаше српски акцент. Нешто му објаснуваше на соговорникот, велејќи му дека – секој има своја историја. Се согласив, на поминување. Колективната историја е извесен вид неправда, терор, си реков. Во неа сите сме прикажани или како жртви или како некакви победници обединети во слава или трагедија. Како во лонец. Полна е со крв и слава, мртви херои и предавници во приказни во кои раскажувачот како да се занел. И сѐ тоа е така надвор од животот. Помислив на дедо ми. Само си ја гледал фамилијата, имал пет деца и не го интересирало ништо друго. Бил трговец. Патувал често и запознавал секакви луѓе, најчесто со истата цел – да си ги прехранат семејствата. Маката за корка леб и радоста на животот гледајќи како растат децата, околу тоа биле приказните што ја составувале нивната историја. Лична. Малку знаеле за таканаречените херојства на своето време. Биле тешки времиња.
Болките во петата не престануваа и конечно решив да го завртам ѓонот за да се соочам со него. Бев затекнат од една чудна глетка. Длабоко во гумата, во пределот на петицата, имаше една пукнатина во која се беа напикале камчиња. Морав да ги извадам за да се ослободам од притисокот, веќе имав рани. Ги имаше многу, во разни големини и бои. Бескрајно излегуваа густо набиени камчиња и срчи што ѓонот ги собирал по скопските улици и паркови. Ги носеше како деца во утроба. Составиле цел мозаик во ѓонот од патиката. Како некаква тајна, така ги доживеав. Си помислив дека можеби ги собирал за да еден ден ми ги покаже како артефакти на една лична историја. Историја на една врска со градот – една болка.