Чаир и Ѓорче се краците на скопскиот октопод, тие што претаат и фрлаат камења за да го заштитат трупот. Неретко и кон самиот труп. Дека така културната периферија го артикулира својот однос кон центарот – идиосинкретично. Архетипите изградени околу овие населби се урбано егзотични, понекогаш ризични по здравиот разум, но сепак, шармантни акробации околу реалното. На маргините, надвор од граѓанскиот промет управуван од центарот, тие луѓе секогаш имаат нешто да докажат. И да се допаднат. Класната освестеност им овозможува точен увид во реалноста, а со тоа и соодветни социјални фрустрации, затоа отпорот. Но, и алтернативни пракси на преживување со специфики како социјален шарм, гордост, хумор и братство наместо дистанца. Спонтаност и импровизација наспроти промислата на интелектуалниот центар. Агресивност и емоција која често знае да биде изманипулирана за нечесни политички цели. За жал. Сепак, низ играта на овие контрасти и конфликти, градот ја развива својата дијалектика – станува град. Општество во мало што може да ги апсорбира културните варијации внатре и да произведе автентична (суб)културна матрица. Сцена… Но, да се вратиме на камењата.
Некои не преговараат со уметноста – ѝ приговараат. Како дада или панк, на пример. Дека кога ќе си легне на стереотипите врз кои е изградена, таа почнува да им служи исклучиво на културно-социјалните елити кои ја конзумираат и – корумпираат. Владеат преку неа. Станува нивна играчка, декорација во класната празнина, лишена од субјективност и автентично лудило (или смиреност). Не преиспитува, не критикува и не придвижува – кон промени. Само констатира. Така умира. Но, прво некој мора да го фрли каменот натаму. Отпорот во и кон репрезентативната култура и уметност е исто толку важен колку и отпорот кон политичкиот управувачки поредок. Има своја историска целисходност и логика. На пример, поп културата на 20 век најпрво се појавува како трибун на општествените промени, голема игранка на рано либералното доба (rock’n’roll), потоа добива свои алтернативни облици на прогрес и социјална порака (punk), за да заврши како ефтина забава на пост-индустрискиот корпо-капитализам. (Ре)креативен џанк. Естрада. Но, како и многу други работи во животот кои се мртви без да знаат, некој треба да им го соопшти тоа, на својот сопствен начин. Да им го отсвири крајот. Патот на каменот е патот на малиот човек кој од периферијата пробива кон културното јадро на граѓанскиот промет. Дали дека сака да биде дел од него, да се допадне таму или да го растури како револуционерен зафат не е ни толку важно. Важно е дека тоа може да предизвика нешто. Затоа, драги наши, во тоа име, ние креваме чаша за Чаир, Ѓорче и другите урбани топоними на можниот отпор. Само напред, браќа, со лактите по клавирот – и јако и нежно. Кон центарот. До љубов.