
„Сонував дека сум пеперутка. Кога се разбудив, не знам дали сум човек кој сонува дека е пеперутка или пеперутка која сонува дека е човек.“ – парадоксот на мастер Чуанг
Сите пијат некакви апчиња за да се справат со реалноста. Нивните зглобови можат да ја видат иднината, не е сјајно. Повеќето си одат, некои остануваат. Веќе одамна ги играат улогите за да се видат во очи. Жешко е. Небото е истоштено, земјата осамена. Испукала од мака. Вистината е варијабилна и нуди подобри можности. Мора некако да се заработува. Положеното оружје значи успех. Преживување. Важно е да се припаѓа, убедувањето е важно. Тоа е секогаш добро алиби. Секоја идеологија е бизнис на потсвесното. И обратно. Сѐ друго е непотребен ризик, изложување, идеали… Спарно е. Телата се лепливи. Контактот скап. Очите светкави и непобедени во мракот, даваат отпор. Не сме слободни во она што го правиме кога не сме слободни во она што го сакаме. Сакаме други и сакаме друго. Фантазии. Секогаш. И покрај тоа бираме сигурност. Од страв. Анксиозноста е вртоглавица на слободата. Слободата е за робови. Моќта се важи. Промените се само технолошки привид, дел од митот. Сѐ е исто. Постојано враќање во кругот. Движењето се забрзува во веќе формираниот вортекс. Владее статус кво. Ентропијата се одржува. Наука, економија и право според богатите. Сиромаштијата е крпа со која си ги бришат лицата. Мирот е сѐ уште утеха. Историјата стои. Сеќавањата бледи. Ладно е. Среден век како среден прст, само без Бог. Дигитални алтернативи на секуларното. Свесноста е збир од податоци подложни на мапирање, трансфер и ре-креација. Телото е забавен парк. Журка. Ќе живееме исто колку и самиот атом – вечно. Во тегла, во матриксот. Све нѐ лаже и знаеме. Сепак се допираме. Во песни. Ги играме улогите. Голи. Жешко е.
